Раскинувањето секогаш остава мачни последици!
По успешните музички проекти „Ѕвездо моја“, „После тебе“ и „Моја посебна“, момците од „Артист бенд“ продолжуваат да ја збогатуваат македонската музичка сцена. Овој пат тие ја претставуваат пред публиката својата четврта по ред песна, насловена „Тажен крај“, комплетирана со одличен визуелен запис.
Песната носи силна емотивна тежина, раскажувајќи приказна во која може многумина да се пронајдат. „Тажен крај“ зборува за личност што се соочува со љубовно раскинување. Другата страна од таа несреќна врска го изговара тоа лесно, но остава тешки последици кај оној што сè уште сака. И покрај разделбата, повредената личност се бори со силните емоции, кои не може да ги избрише, иако знае дека треба да продолжи понатаму во животот. Низ стиховите се провлекува болката, но и искрената желба барем уште еднаш да ја види саканата личност. Тешко се помирува со суровата судбина дека за вистинска љубов, сепак, се потребни двајца, а тој останува сам. Таа заминува.
Зад реализацијата на овој музички проект стои докажан тим соработници: Александар Јовевски – музика и аранжман, Марија Спасовска – текст и Студио „Подрумот“ – аудиопродукција.
Видеоприказната, која перфектно го надополнува меланхоличниот звук, е во режија на Томислав Живковиќ, кој воедно е потпишан и како снимател на видеоспотот. За да се долови целокупната атмосфера на екранот, во спотот се појавуваат и модели од модната агенција „Мак-моделс“.
Со песната „Тажен крај“, „Артист бенд“ уште еднаш докажува дека им останува доследен и верен на квалитетниот звук и искрената емоција, како и на емотивно певливиот рефрен.












