Архиепископ Стефан: Во јуни ќе се избира наследникот на митрополитот Тимотеј

241

Следниот месец ќе се изврши изборот на новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија на МПЦ-ОА откако остана празен нејзиниот трон по починувањето на владиката Тимотеј, во ноември минатата година. Ова, во изјавата за весникот ВЕЧЕР, го соопшти поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.

– Во јуни е предвидено да се изврши изборот на новиот митрополит. Тогаш очекуваме Синодот да биде во комплетен состав за да може да се решава ова прашање – ни изјави архиепископот Стефан по вчерашната церемонија на потпишување на декларацијата против насилниот екстремизам од страна на верските лидери во земјава.

Поглаварот на МПЦ-ОА сега е администратор на оваа епархија, но и на Американско-сиднејската епархија, со кои до неодамна раководеше митрополитот Тимотеј. Досега во црковните кулоари се споменуваа повеќе имиња што би можеле да се јават во улога на нови владици во двете епархии. Архимандритот Нектариј, актуелен игумен на манастирот „Свети Наум Охридски“; епископот атаниски, Партениј; митрополит струмички, Наум; митрополитот брегалнички, Иларион; викарниот епископ, Никола… се само дел од имињата што досега се споменуваа во најразлични комбинаторики за една од овие две функции. Македонските иселеници од Австралија веќе испратија барање до Синодот на МПЦ-ОА за администратор да им биде назначен струмичкиот владика, Наум.

– Наш отворен предлог е г. Наум за администратор на местото на г. Тимотеј. Сметаме дека г. Наум, со своето искуство како најстар по комбиниран владички и монашки стаж меѓу можните кандидати, е најпогоден во овој момент. Особено затоа што се има докажано како владика кој знае да воспостави црковен ред во својата епархија со исклучително мирољубив и широкограден пристап. Плус, добро го владее англискиот јазик и има правно образование. Тој е најстар по хиротонија по Стефан и Петар, а го има и викарниот епископ Јаков, кој може да го заменува во Струмичката епархија – соопштија од Македонската православна заедница за Австралија, со седиште во Сиднеј.

Во црковните кулоари најмногу се шпекулира околу можноста на чело на ДКЕ да застане епископот атаниски Партениј, кој е викарен епископ на ДКЕ и на досегашниот владика, Тимотеј. Но, јавна тајна е дека на неговото именување силно се спротивставува Преспанско-пелгонискиот митрополит, Петар. Од таа причина, во јавноста се појавија неофицијални информации дека е во игра и поделбата на Дебарско-кичевската епархија со цел епископот Партениј да раководи со подрачјето од Дебар до Кичево, а во Охрид би продолжил да раководи архиепископот Стефан или некој друг владика. На нашето прашање дали е можна поделба на ДКЕ, архиепископот Стефан ни одговори дека сè уште не е таква опција на маса.

– Во предлозите што ги имаме, нема таква опција, барем засега – ни одговори поглаварот на МПЦ-ОА.

Тој неодамна учествуваше на традиционалната литија во Струга, по повод на верскиот празник посветен на свети Георгиј, при што одржа заедничка служба со епископот атаниски, Партениј. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ