Американскиот новинар Мајкл Волф ја тужи Меланија Трамп откако првата дама се закани дека ќе го тужи ако не ги повлече своите изјави за неа и осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, објавија денес американските медиуми.
Волф ги обвини Меланија и нејзиниот сопруг Доналд Трамп за практика на заканување на оние што зборуваат против нив, објави „Фокс њуз“.
„Дејли бист“ објави статија заснована на интервју со Волф, само за да ја повлече во јули, а подоцна да се извини за текстот, признавајќи дека не ги исполнува уредничките стандарди.
Адвокатот на Меланија Трамп предупреди дека ќе поднесе тужба за измислици и лаги.
Волф рече дека Трамп и Меланија се обидуваат да „ги замолчат и заплашат своите противници и критичари, како и да изнудат признанија и извинувања во стилот на Северна Кореја“. Тој додаде дека целта на заканите со тужба е да се создаде атмосфера на страв во нацијата, за луѓето да не се чувствуваат слободни. Во интервју за „Дејли бист“, Волф, коментирајќи ја наводната врска меѓу Трамп и Епстин, кој почина во затвор во 2019 година, рече дека Меланија играла значајна улога во врската меѓу двајцата.
Тој рече дека агент за модели, кој им бил познат и на Трамп и на Епстин, ја запознал Меланија со претседателот, додавајќи дека и Епстин ја познавал многу добро.
Волф, сепак, за „Фокс њуз“ изјави дека нема никаква врска со статијата во „Дејли бист“.
Портпаролот на Канцеларијата на првата дама, Николас Клеменс, рече дека Меланија Трамп е горда што продолжува да се спротивставува на оние кои шират злонамерни лаги и клевети, додека очајно се обидуваат да привлечат внимание што не го заслужуваат, објави „Танјуг“.
Во тужбата на Волф се наведува дека е фер да се праша дали Меланија се вклопува во приказната Трамп-Епстин и дека има намера да го праша претседателот под заклетва за неговата врска со Епстин во судска постапка.