Меѓународниот Центар Алијансата на Цивилизации од Скопје (ICAC) склучи нов партнерскиот договор со Обединетите нации – Алијанса на Цивилизации (UNAOC). Договорот беше потпишан вчера, за време на 8 Конгрес на лидерите на светските и традиционалните религии во Астана, од страна на Н.Е. г. Мигел Анхел Моратинос, заменик-генерален секретар на ООН и висок претставник на UNAOC и Иван Иванов, претседател на управниот одбор на ICAC.
Продолжувањето на партнерството претставува потврда на заедничката посветеност за унапредување на мирот, толеранцијата и меѓукултурниот дијалог, велат од Алијансата на Цивилизации од Скопје.
-ICAC и UNAOC ќе продолжат со заеднички активности во областа на борбата против ксенофобија и верска нетрпеливост, промовирањето на социјалната инклузија, споделување добри практики и имплементација на Планот на ОН за заштита на верските објекти. Посебен акцент ќе биде ставен и на вклучување на младите како активни промотори на интеркултурно разбирање, велат оттаму.
Со ова, ICAC најави дека обновениот договор е важен чекор кон создавање трајно и позитивно влијание во глобалните напори за изградба на поинклузивен и мирен свет.