Почнувајќи од 1 април 2026 година, на местото директор на НУ Музеј на Македонија, по спроведениот конкурс, е назначен Александар Ристевски. Тој доаѓа на оваа функција на местото на досегашниот в.д. директор, Пано Серафимов, кој е од редот на вработените во институцијата.
Ристевски беше избран на конкурсот што го распиша Министерството за култура и туризам во текот на февруари 2026 година.
Тој доаѓа од НУ Национална галерија на Македонија, во која работи повеќе од 16 години, како кустос етнолог во Одделението за депо и документација, а претходно како соработник во Одделението за дизајн и маркетинг.
Основни дејности на Музејот се истражување, прибирање, документација, презентација и публикување на музејскиот материјал од наведените области. Покрај тоа, во рамките на Музејот делуваат и кабинетот за нумизматика, антрополошкиот кабинет, лабораторијата за конзервација, Секторот за едукација, како и Одделението за маркетинг, чии активности се изработка и пласман на копиите од најзначајните музејски експонати. Музејот, исто така, располага и со добро опремена музејска библиотека.












