Додека политичките актери и институциите во Македонија се занимаваат со меѓусебни обвинувања, анализа на пропусти и упорно трагање по виновници за застојот на европскиот пат, соседна Албанија забрзано чекори кон Европската Унија. Кај нас доминираат дебати за политички притисоци, институционална слабост и назадување во реформите, но и сè погласни забелешки за двојни аршини во примената на Копенхашките критериуми – стандарди кои формално важат еднакво за сите кандидати, а во практиката често се толкуваат различно, зависно од политичките интереси на земјите членки. Во такви околности, додека Македонија се врти во круг околу сопствените недоследности, европските недоразбирања и блокадите од Бугарија, Албанија без пауза ги отвора и ги затвора преговарачките кластери, демонстрирајќи политичка фокусираност и институционална дисциплина што им обезбедуваат ретко видена динамика на евроинтеграциите. Контрастот блокираното Скопје на патот кон Брисел и јасниот напредок на Тирана стана уште поочигледен со отворањето на последниот кластер, со што Албанија ја зацврсти позицијата како еден од најуспешните примери на проширувањето во регионот. Утре, во рамките на турнејата низ земјите од Западен Балкан, во официјална посета на Скопје пристигнува и германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, што дел од познавачите го гледаат како активирање на Берлин во настојувањата да се деблокира европскиот процес на Македонија и да се одржи регионалната динамика на проширувањето.
Сиљановска-Давкова: Уставните измени дојдоа на дневен ред, не го поминаа ни првиот чекор
На денешната заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања во македонското Собрание, на која беше разгледан последниот извештај на Европската комисија за земјава, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати критики и до Европската Унија како оценувач на земјите кандидати. Претседателката посочи дека ЕУ не е невин играч во сè што се случуваше, туку „немаше јасна стратегија, доцнеше на Балканот, понекогаш побрзи беа САД, не беше доследна во мировното здружување, па и денеска преферира двојни стандарди“.
– Извештајот има многу добри податоци и критики, што добро треба да се анализираат и да се постапи по нив, но исто така понекогаш оценките на Европската Унија во овие 16 извештаи во вордингот секогаш се раководат од некоја клучна цел, што е она што во моментот е најважно за ЕУ и за тоа го врзуваат и моментумот. Така е и во овој извештај. По 16 пати, овој извештај како и претходните не говори само за евалуираниот, туку говори и за евалуаторот. Ако има оценка или натпревар за политичка спремност, тогаш ние ќе бидеме шампиони во спроведувањето, резултатите ги гледаме – нагласи претседателката.
Во однос на барањето за уставни измени, претседателката рече дека не е точна констатацијата во извештајот дека во овие години не сме собрале волја за да го ставиме на дневен ред прашањето за уставните измени.
– Уставните измени дојдоа на дневен ред, пред Уставната комисија, не го поминаа ни првиот чекор, истакна таа.
– Можете да го видите извештајот на Венецијанската комисија за законот за употреба на јазиците, дека „решенијата од овој закон се над европските решенија“. Зборувам за малцински прашања. Мислењето на Венецијанската комисија за Уставот на Бугарија, тука се бара од Бугарија „правата на лицата што им припаѓаат на националните малцинства мора да бидат заштитени на ниво на Уставот“. Колку држави во Европа имаат одредби за заштита на правата на малцинствата. Многу малку, дури и не знам дали придавката „француски предлог“ соодветствува бидејќи Франција има извонредно развиена демократија, но не ја потпишува Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата, па затоа оваа придавка виси, нагласи Сиљановска-Давкова.
Филипче предупредува за нови услови од ЕУ
Лидерот на СДСМ и претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, пак, порача дека документот претставува силна и јасна опомена, но и доказ за катастрофалните политики на владата на Мицкоски.
– Ова е еден од најлошите извештаи што државата го добила од Европската Комисија. Полош е само тој во 2015 година, кога сме оценети како заробена држава, предупреди Филипче.
Според Филипче, Европската Унија, која минатата година имаше само еден услов за отворање преговорите, а тоа беше решавањето на спорот со соседите, по ваков извештај може да воведе и нови услови.
– Ако до минатата година имаше само еден услов за почеток на преговорите, а тоа е решавање на билатералниот спор со еден од соседите, по еден таков извештај, не сум сигурен дека понатаму нема да имаме и други услови за да се започнат преговорите, рече Филипче и додаде дека наведеното во извештајот не е само за политички формулации во документот, туку реалност која граѓаните ја чувствуваат секој ден.
Албанија го отвори последниот кластер
Во меѓувреме, Албанија денеска го отвори последниот, Кластер 5, од пристапните преговори со Европска Унија, само 13 месеци по отворањето на првиот кластер, со што искажа сериозна намера да го запази рокот за зачленување во Унијата до 2030 година. Кластерот наречен „Ресурси, земјоделство и кохезија“ опфаќа земјоделство, рибарство, безбедност на храната и политики за кохезија.
Еврокомесарката Марта Кос изјави дека тоа е показател дека понудата на Унијата дава резултати. Според неа, Албанија е најдобар пример за трансформативната моќ на проширувањето.
– Денешниот ден е посебен и за Албанија и за ЕУ. Овој успех не би бил можен без цврста политичка посветеност на Албанија и со силен ангажман на сите земји членки на ЕУ за поддршка на албанскиот напредок. Ние сме посветени на вклучување на Албанија во Европската Унија. Таа (Албанија) е инспирација за многумина на Западниот Балкан и за многу граѓани кои би сакале да ги видат истата решителност и истите промени во своите земји, рече Кос и додаде дека вистинската награда е затворањето на кластерите, за што треба да продолжат реформите во правосудството, борбата против корупцијата и слободата на медиумите.
Министерката за европски прашања на Данска, Мари Бјер, изјави дека „проширувањето е геополитичка неопходност за ЕУ и клучен приоритет за данското претседателство“, а албанскиот премиер Еди Рама истакна дека отворањето на последниот кластер до неодамна изгледаше невозможно, но е остварено со жестока борба.
Албанија го доби статусот земја-кандидат уште во 2014 година и тогаш беше планирано заедно со Македонија да ги започне пристапните преговори со Европската унија. По потпишувањето на Договорот од Преспа во 2018, што ѝ ги отвори вратите за деблокирање на евроинтеграциите, Македонија ја водеше Албанија на патот кон Европската Унија. Во тој период, македонските власти јавно бараа ЕУ да ги разгледува двете земји одделно, за земјава да не мора да ја чека Албанија, која се бореше со недовршени реформи и Скопје да добие датум за почеток на преговорите со Унијата. Македонија беше таа која упорно инсистираше ЕУ да го напушти пристапот на „пакет-одлуки“ и да дозволи процесот да се води автономно, со цел државата да може да напредува со темпото што сама го постигнала. Сепак, ставот на лидерите во Брисел тогаш беше дека двете земји ќе одат во пакет. Сепак, процесите подоцна се раздвоија, бидејќи Бугарија стави вето на отворањето на преговорите со Скопје поради негирањето на македонската историја и јазикот. Така, Албанија сама продолжи по европскиот пат.
Во октомври минатата година, Тирана го отвори првиот преговарачки кластер, со што за нешто повеќе од една година успеа да ги активира сите тематски области од преговорите. Овој напредок беше препознаен и во најновиот извештај за проширувањето на Европската комисија, каде што Албанија, заедно со Црна Гора, доби највисоки оценки меѓу кандидатите.
Во извештајот се нагласува дека земјата постигнала значаен напредок во владеењето на правото, борбата против корупцијата и усогласувањето со европското законодавство. Според процените на Комисијата, доколку продолжи со тековното темпо на реформи и политичка стабилност, Албанија би можела да ги затвори преговорите до 2027 година и да се подготви за полноправно членство во ЕУ до 2030 година, процена што ја позиционира Албанија меѓу најперспективните држави од Западен Балкан на европскиот пат. (В. С. Н.)












