Аларм за Западот: Се појавија нови сателитски снимки – Русија подготвува 100.000 војници, но не за Украина/ФОТО

4121

Новите сателитски снимки добиени од финскиот јавен радиодифузен сервис Yle откриваат дека Русија започнала интензивни градежни работи во текот на зимата во затворената воена населба Лупче-Савино, во близина на финската граница во Лапонија.

Работите претставуваат значително проширување на воената инфраструктура во градот Кандалакша, каде што се градат нови згради и се поставуваат темели за сместување на две воени бригади. Проектот вклучува изградба на нов воен комплекс за артилериска бригада и нејзиниот персонал, а во тек се планови за стационирање на инженерска бригада. Областа претходно служела исклучиво како складиште, но сега станува важна точка на постојано воено присуство во близина на финската граница, објавуваат хрватските медиуми.

Според пензионираниот мајор Марк Еклунд, експерт за руските вооружени сили, обемот на работите покажува дека Русија сака трајно да го зајакне своето воено присуство во областа.

„Доколку целта беше само да се испратат војници во Украина, немаше да има потреба од ваков вид инфраструктура“, рече тој.

Лупче-Савино се наоѓа на околу 110 километри од финската граница. Оваа област е важна бидејќи е најтесната копнена лента што го поврзува полуостровот Кола со остатокот од Русија, вклучувајќи ја и базата за нуклеарни подморници. Губењето на ова „тесно грло“, смета Еклунд, би претставувало голем безбедносен ризик за Москва. На местото се исчистени 1,4 километри шума, извршени се обемни ископувања и во текот на зимата се изградени неколку нови објекти. Планирани се уште десетина згради. Покрај тоа, реновирани се седум напуштени станбени згради од советската ера, а изградена е и инфраструктура како што се училиште и културен центар.

Нова воена команда и илјадници нови војници

Како што се наведува во статијата, покрај регионот Мурманск, Русија го зајакнува и своето присуство во Карелија, каде што се формира нов 44-ти армиски корпус со околу 15.000 војници. Поголемиот дел од опремата за единицата ќе дојде од голем магацин во Петрозаводск, каде што во последните месеци беа обновени стари тенкови и артилерија од советската ера.

„Бројот на војници би можел да се искачи на 100.000“
Според проценките на Еклунд, бројот на тенкови по границата со Финска би можел да се зголеми тројно, а бројот на војници во новоформираниот Ленинградски воен округ би можел да се искачи на дури 100.000, во споредба со 30.000 пред почетокот на конфликтот во Украина.

Иако дел од активностите се за повторно опремување и обука на војници за војната во Украина, зголемениот број на постојани бази, опрема и војници по границата со Финска укажува на долгорочна воена стратегија.

– Засега, заканата за Финска е политичка, но ако воена сила се натрупа на самата граница, тогаш заканата е физички поблиску – заклучува Еклунд.

ИЗДВОЕНИ