четврток, јули 16, 2026
Дома СПОРТ Ако кажам нешто, ќе звучам како плачко затоа што загубивме

Ако кажам нешто, ќе звучам како плачко затоа што загубивме

35
epa13111847 France's head coach Didier Deschamps is interviewed after losing the FIFA World Cup 2026 semifinals match France against Spain, in Dallas, USA, 14 July 2026. EPA/SAM WASSON

Актуелниот европски шампион, репрезентацијата на Шпанија, е првиот финалист на Светското првенство откако ја победи Франција со 2:0 во полуфиналето во Далас. На натпревар на кој целосно доминираа, Шпанците славеа со головите на Микел Ојарзабал од пенал и на Педро Поро, со што го обезбедија своето второ финале во историјата на натпреварувањето.

Предводникот на Франција, Дидие Дешамп, изјави по натпреварот дека Шпанија била подобар противник, но вината за поразот ја лоцираше и кај главниот судија.

– Играчите се скршени, но мора да бидеме реални, технички бевме инфериорни. Тоа е наша вина. Но, ќе го поставам прашањето: дали беше судијата на нивото на судење за полуфиналето? Нема самиот да одговорам на тоа прашање. Имаше многу спорни ситуации… Но, главната причина е што едноставно бевме под просекот, со некои технички грешки и со погрешни додавања што можеа да доведат до шанси. Ова е највисокото ниво, дури и ако боли. Ќе играме натпревар за третото место. Не сакам да отфрлам сè што е направено, но на овој натпревар Шпанија покажа нешто повеќе – изјави Дешамп.

Трофејниот француски стручњак имаше само пофални зборови за играта на „црвената фурија“.

– Не размислувам за себе, се подготвував за натпреварот со играчите и целта беше да направам сè за да одиме докрај. Не успеавме, разочарувањето е големо, но не ги одземам сите добри работи што ги направивме. Мислам дека се опоравивме многу добро… Не му одземам ништо на шпанскиот тим, кој ја контролираше играта.

Ни недостигаа техничка прецизност и енергија. Шпанците се многу добри во разбивањето на нападите со исчекување и додавање. Би сакал да им создадевме повеќе проблеми во нападот – објасни Дешамп.

Тој потоа повторно кажа што мисли за главниот судија, Иван Бартон.

– Судијата? Ако кажам нешто, ќе звучам како плачко затоа што загубивме. Но, ве прашувам дали е достоен за задачата да суди полуфинале. Ја имавме таа ситуација со пеналот, но не е само тоа, доаѓа покрај сè друго. Немам ништо против вечерашниот судија, но прашајте се себеси – изјави тој.

ИЗДВОЕНИ