вторник, јануари 20, 2026
Дома МАГАЗИН „Ајде да ја купиме Калифорнија“: Петиција во Данска против претензиите на Трамп...

„Ајде да ја купиме Калифорнија“: Петиција во Данска против претензиите на Трамп кон Гренланд

70

Додека американскиот претседател Доналд Трамп се труди да го освои данскиот остров Гренланд, граѓаните на оваа скандинавска земја пронајдоа начин да му се одмаздат на хумористичен начин.

Имено, сатиричната петиција која ја покрена групата „Денмаркификација“ бара од скандинавската земја „да игра со САД на свој начин“. Тие предлагаат Данска да ги сврти работите и да понуди да ја купи американската држава Калифорнија и да ја прогласи за своја територија.

Мозоците кои стојат зад петицијата ја избраа Калифорнија како своја цел, тврдејќи дека на Данска ѝ требаат повеќе сонце и палми. Саркастичната петиција има огромен успех меѓу луѓето од таа земја и досега е потпишана од повеќе од 280.000 Данци.

„Дали некогаш сте погледнале на мапата и сте помислиле… Знаете што ѝ треба на Данска? Повеќе сонце и палми. Па, имаме единствена можност да го оствариме тој сон. Ајде да ја купиме Калифорнија од Доналд Трамп!“, се вели во описот на петицијата.

Користејќи ги неговите зборови против него, организацијата „Денмаркификација“ тврди дека претседателот Трамп не е голем обожавател на Калифорнија и дека се подготвени да го засладат договорот нудејќи му „доживотна залиха од колачи“. Трамп, бизнисмен кој цени и знае како да препознае добра зделка, би можел да се најде во искушение.

„Да бидеме искрени, Трамп не е најголемиот обожавател на Калифорнија. Тој ја нарече најголемиот неуспех во целата унија и со години се бори со лидерите на таа држава. Прилично сме сигурни дека би бил спремен да се откаже од неа за вистинската цена“, се додава во описот на петицијата.

Потоа тие продолжија да се осврнуваат на тоа што би можело да се случи ако луѓето од Калифорнија не се согласат. „Па, да бидеме реални, кога волјата на народот некогаш го спречила? Ако Трамп сака да ја продаде Калифорнија, ќе ја продаде“, се вели во описот.

Инаку, во текот на викендот, Трамп отиде чекор понатаму. Тој се закани дека ќе воведе 10 проценти царини за Данска, Велика Британија и неколку други европски земји кои минатата недела испратија војници во Гренланд како знак на солидарност поради заканите од САД.

Трамп и неговиот тим одржуваат агресивен став додека продолжуваат да го игнорираат суверенитетот на Гренланд и бараат тој „да стане дел од САД заради светскиот мир“. Сепак, идејата на Трамп се покажа како многу непопуларна, и дома и во странство, а Данците сега одлучија да возвратат.

Зошто Калифорнија?

Во објаснувањето на петицијата, членовите на движењето „Денмаркификација“ сатирично објаснија зошто ја избрале Калифорнија од сите држави.

Калифорнија сè повеќе се споменува како симбол на модерниот сон – сончева светлина, технологија и авокадо. Додека северна Европа сè уште ги цени своите магла и гумени чизми, „Златната држава“ има повеќе од 300 сончеви денови годишно и начин на живот во кој апостолките се речиси официјална обувка. За многумина, тоа не е само климатска предност, туку и филозофија на животот.

Покрај времето, тука е и технолошката моќ. Силиконската долина останува глобален центар на иновации, со концентрација на експерти што, како што иронично наведуваат, „би ја посакала секоја демократија“. Додадете го на тоа фактот дека Калифорнија произведува дури 90 проценти од авокадото во САД, и јасно е дека тостот со авокадо не е тренд, туку институција.

Конечно, тука се симболите на мека моќ, од наративот за „заштита на слободниот свет“ до Дизниленд, кој во некоја алтернативна визија би можел да се преименува во „Ханс Кристијан Андерсенленд“, со Мики Маус кој носи викиншки шлем. Шегите настрана, Калифорнија останува место каде што митот, маркетингот и реалноста постојано се испреплетуваат, пренесе Телеграф.

ИЗДВОЕНИ