Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ќе премине во надлежност на Министерството за култура и туризам. Во Собранието веќе е доставен закон со кој Министерството за култура и туризам добива ингеренции за планирање на развојот на туризмот и за доделување на субвенции за престој на странски туристи. Поранешниот директор на АППТ, Љупчо Јаневски, смета дека укинувањето на Агенцијата е чекор враќање назад и оти наместо да биде укината требаше да прерасне во Национална туристичка организација по примерот на земјите од регионот.
-Генерално функцијата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот низ годините наназад е да го подигне туризмот како една од економските гранки која има можност да биде столб на македонската економија со приближно 1 милијарда долари туристички промет и 7 до 8 отсто учество во бруто-домашниот производ на Македонија. Сметам дека со отворањето на Министерството за култура и туризам се постигна првичната цел Туризмот во Македонија да го заземе местото на масата со останатите министерства. АППТ и останатите професионални агенции се формирани да ги спроведуваат државните политики, имплементираат како професионален апарат и да ги фокусираат министерствата на креирање на политики за раст и развој на државата, со акцент на локалниот економски развој и децентрализацијата на административниот апарат, изјави за весникот ВЕЧЕР, Јаневски.
Тој смета дека најавите за укинување на АППТ е чекор враќање назад, бидејќи во 2023 година се донесени низа одлуки дека Агенцијата има значајна улога во дигитализацијата на туристичката индустрија.
-Проекти како Педесет села – педесет урбани приказни, развој на винските патишта и ено-гастро концептот, како и новиот модел на субвенционирање за домашни турист се со цел создавање на услови Министерството за култура и туризам да создаде долгорочна стратегија за туризам со голем број на форми кои само треба дополнително да се насочат и законски доработат. Според регионалните искуства Агенцијата треба да прерасне во Национална туристичка организација, која ќе ги спроведува државните политики за туризам до најниско ниво донесени од Министерството за култура и туризам кое требаше да ги преземе сите ингеренции од страна на Министерството за економија на полето од туризмот. Укинувањето на Агенцијата според мене е грешка, бидејќи потребно е да се гради професионализам во институциите кои ќе го намалат концентрирањето на моќта на министерствата. Затоа е потребно вистински луѓе на вистинските места, а не укинување на институции кои успешно работеле, вели поранешниот директор на АППТ.
Со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност, Владата го задолжува Министерството за култура и туризам да достави и Предлог на закон за престанување на важење на Законот за основање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија– пишува во законското решение доставено до пратениците.
Меѓу надлежностите на Агенцијата беа професионално презентирање на туристичката понуда, изготвување анализи за потенцијалите на домашниот и странскиот туристички пазар, подготвување и реализација на Програмата за промоција и поддршка на туризмот, изготвување анализи за постигнатите резултати од спроведување на Програмата, спроведување постапка за субвенционирање на странскиот организиран туристички промет во Македонија…
Со законските измени субвенциите за странски туристи наместо Агенцијата ќе ги дава Министерството за туризам, а парите се обезбедуваат од буџетот и други извори согласно закон.
-Се планира вршителите на туристичка дејност и тур-операторска дејност да поднесат барање за добивање на субвенции за престој на странски туристи до Министерството за култура и туризам кое донесува решение за субвенционирање на странскиот организиран туристички промет во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето, стои во новото законско решение.