Крајно време е судството, обвинителството и секоја институција да работат совесно и професионално и секоја институција да не се меша во друга, изјави денеска Африм Гаши, претседaтел на македонското Собрание.
Одговорајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг, врзано за случајот со приведувањето на Артан Груби, тој рече дека како претседател на Собранието не е добро да коментира политички настани.
-Тоа сум го изјавувал принципиелно. Крајно време е да престанеме да се мешаме во судството. Таа перцепција кај граѓаните, дека има некаков договор, остава лошо чувство кас сите граѓани. Така, мојата порака би била, секоја институција да си ја заврши својата рбаота. Во овој дел судството и обвинителството нека си ја вршат својата работа совесно и професионално. Тоа ќе биде доволно граѓаните да бидат задоволени. На крајот на краиштата, битна е правдата – рече тој.
Гаши додаде дека мисли оти е крајно време е сите да се свестиме дека немаме време за губење за воспоставување на правната држава.
-Ова е повик до сите институции, кон сите актери во општеството, судството и обвинителството, извршната и законодавната власт. Ако секој си ја извршува својата работа професионално и совесно, мислам дека не е тешко да се дојде до тоа. Конечно, сите ние кои сме пвикани, вклучително и Вие новинари, ако работиме заедно , мислам дека ќе постигнеме позитивни ефекти во што поскоро време – потенцира претседателот на парламентот. (Б.Ѓ.)












