Храбро пред концертот во градот под Пелистер!
Еден од моментално најпопуларните и, секако, највпечатливите балкански пејачи (со потекло од Босна) е, секако, велат, сексапилниот Ади Шоше, кој најпосле храбро се соблече за љубов на своите обожавателки од Битола. Има причина. Тој, на 24 април, ќе има прв солистички концерт во градот под Пелистер (во организација на Евентум-продукција) и, воопшто, прв настап кај нас во Македонија.
Поранешната „Ѕвезда на Гранд“, додека се натпреваруваше во шоуто, имаше долга коса, беше слабичок, но и тогаш беше со моќен глас со кој, пред сè, ја освои публиката. Сега, физички, е сосема поинаков. Има куса коса, секси брадичка, а и е прилично навежбан. Затоа, често посакува да се слика разголен, веројатно за да добие што повеќе симпатии кај девојките и кај жените. И да знаете дека успева во тоа. Моми битолчанки, не пропуштајте го настапот на ова момче, искористете ја шансата, па и сликајте се со него. Зошто да не, нели велите дека ви е згоден?!
Сепак, магичниот глас на Шоше е, пред сè, тоа со што освојува. Со својот неверојатен вокал, искрена емоција и харизма на сцената, Ади Шоше важи за пејач кој во рекордно време ја освои публиката од Вардар до Триглав. Роден е во Мостар, а има завршено градежен факултет. Љубовта кон музиката пресудила кај него да стане пејач. Деновиве пред настапот во Македонија, Ади објави дуетска песна со исто така популарната и сексапилната пејачка Сенидах, а која минатиот месец имаше одличен концерт во Скопје. Нивната заедничка песна е со насловот „Чиста љубов”. Музиката, текстот и аранжманот за „Чиста љубов” ги потпишува Амил Лојо, долгогодишен соработник на Ади, додека визуелниот дел е заокружен со видеозапис во режија на Арнеј Мисирлиќ.
Комуникативниот Шоше искрено зборува за таа соработка со Сенидах: – Сакам такви соработки, кои се случуваат без планирање, само со спонтана енергија, чувство и момент. Со Сенидах сè течеше без глумење, токму онака како што треба. Кога ќе се совпаднат истата емоција и енергија, музиката сама си го пронаоѓа патот. Ова е една од оние песни кои, едноставно, се случуваат. Со Сенидах се запознав сосема случајно, на аеродромот во Франкфурт, и веднаш се пронајдовме во комуникацијата, што се вели, си „кликнавме“. Не сум сигурен, но можно е таа да настапи на мојот битолски концерт. Во зависност од нејзините слободни термини. (Д. М.) фото:ФБ












