По стартната победа кај Австрија во претквалификациите за пласман на Евтобаскетот 2029, во македонската кошаркарска репрезентација има позитивни вибрации.
Македонија од самиот почеток на мечот покажа дека победата е императив и со тоа не ѝ дозволи на Австрија ниту да се понадева на изненадување. Еден од оние што дадоа свој придонес за големиот триумф беше Адем Мекиќ. По натпреварот, македонскиот репрезентативец ги истакна колективниот пристап и начинот на кој целиот тим ги исполнил задачите.
- Извонреден резултат, добивме многу значаен натпревар. Знаевме дека Австрија ќе почне многу офанзивно и физички, па моравме да одговориме на истиот начин – изјави Мекиќ.
Тој особено ја нагласи енергијата со која влезе Македонија на натпреварот, но и големата самодоверба што ја покажаа репрезентативците.
- Многу сум горд на своите соиграчи и на стручниот штаб. Влеговме многу енергично и мотивирано, со голема самодоверба, а на крајот резултатот донесе една извонредна победа – додаде македонскиот кошаркар.
За Мекиќ, најважно е што Македонија функционира како колектив и секој играч ја прифаќа својата улога.
- Многу е важно што играме како тим. Знаеме кои се лидерите на оваа репрезентација, тука се Нено и Војдан, но секој има своја улога и сите максимално ги извршуваме задачите што ни се зададени – порача тој.
Убедливото издание против Австрија е дополнителен показател дека Македонија може да биде сериозен фактор во продолжението од претквалификациите.
Победата во Виена носи и голема доза самодоверба пред следните предизвици, особено затоа што беше остварена на гостински терен и против селекција што имаше големи амбиции.
- Ако продолжиме вака, мислам дека оваа репрезентација има светла иднина – заклучи Мекиќ.
Македонија со овој триумф испрати јасна порака дека има квалитет и потенцијал за големи резултати. Тимската игра, борбеноста и дисциплината беа главните оружја на Берокал, а доколку репрезентацијата продолжи во истиот ритам, навивачите имаат причина за оптимизам во продолжението од квалификацискиот циклус.











