Ја нудиме „Визија 2050“, со која Скопје од фавела ќе постане метропола, од град на проблеми до модерна европска метропола. Оваа визија се темели на пет клучни столба: животна средина, дигитализација, социјална кохезија, одржлива економија и ефикасно управување, вели Куновски |
Економист по вокација со искуство во хотелиерство и градежен сектор, Владимир Куновски, кандидат поддржан од Работничка партија, по првпат влегува во изборна трка за скопски градоначалник. Тоа не го смета за свој хендикеп и смета дека неговите идеи за проекти во македонската метропола ќе наидат на позитивна реакција кај гласачите.
Како би го опишале Град Скопје и неговите клучни проблеми во моментов и како го гледате по 4 години доколку би ја добиле довербата од граѓаните?
– Скопје e град со огромен потенцијал, денес се бори со тешки предизвици. Урбанистичкиот хаос, загадувањето, јавниот транспорт и нискиот квалитет на живот се основните проблеми што ги мачат скопјани во изминативе две децении. Скопје мора да стане модерен град со решенија од 21 век за висококвалитен живот. Затоа ја нудиме „Визија 2050“ со која Скопје од фавела ќе постане метропола, од град на проблеми до модерна европска метропола. Оваа визија се темели на пет клучни столба: животна средина, дигитализација, социјална кохезија, одржлива економија и ефикасно управување. Главната цел на мојата кандидатура е давање насоки во кои треба да се движи развојот на градот. Во изработката на плановите мора да се вклучат надлежни иституции, стручни лица, и граѓански здруженија. Функцијата градоначалник носи големи предизвици, особено кога станува збор за соработка со Советот на Град Скопје. Нашата цел е да изградиме консензус и да работиме транспарентно, ставајќи ги интересите на граѓаните пред партиските. Ќе соработуваме со сите советници кои се подготвени да работат за подобро Скопје. Доколку се соочиме со блокади, ќе користиме отворен дијалог и директна комуникација со граѓаните за да го објасниме секој проблем и да бараме поддршка за нашите решенија. Политиката ги поставува целите, а системот ги остварува.
Јавниот превоз е проблем број еден во Градот, ако на него се гледа во поширока смисла и како систем за превоз, но и за намалување на аерозагадувањето. Кога последен пат сте влегле во градски автобус и какво чувство имавте? За каков концепт на јавниот превоз во Градот се залагате и со кои извори на финансирање би го вовеле?
– Ние се залагаме за интегриран транспортен систем на Скопје во кој железничкиот систем ќе биде главниот костур, автобускиот превоз ќе претрпи целосна реорганизација и ќе се приспособи на железничкиот систем, а исто така ќе се интегрираат велосипедскиот, жичарницата, изнајмувањето на е-возила итн. Да ви појаснам, живеете во населба Бутел и сакате да одите до „Ист гејт“, ќе имате циркуларен автобус кој за 10-15 минути ќе ве однесе до железничката станица Скопје Северна, а оттаму со воз ќе бидете за 8 минути пред „Ист Гејт“. Значи овој транаспорт нема да се изврши за повеќе од 15 минути. Или, имате работа до Клиника и пристигате со воз до железничката станица во Скопје, а оттаму имате циркуларен автобус или можете да изнајмите е-возило или велосипед. Во изработка е нацрт-студија за воз Ѓорче Петров – Центар. Временската и финасиската рамка дополнително ќе ги објавиме. За двокатните автобуси со години нема резервни делови, па затоа имаме проект тие да бидат пренаменети во електрични. Во пренамената ќе бидат вклучени вработени од ЈСП и студенти и професори од техничките факултети од УКИМ. Овој пилот-проект ќе биде прв чекор од нашите планови за задржување на младите во Македонија.
Скопје со години е на светската мапа по загаден воздух. Кои се првите и следни долготрајни чекори и мерки што ќе ги преземете за намалување на аерозагадувањето?
– Три жешки точки се фокусот на нашата програма се ОХИС, Рашче и Усје. Чистењето на малата депонија во ОХИС е во застој од јануари оваа година од непознати причини, а за чистење на големата депонија ќе бидат потребни уште неколку години. Изворот кај с. Рашче од кое Скопје се снабдува со питка вода е под закана од јаловината од хром во с. Јагуновце, а фабриката за цемент во с. Усје неконтолирано загадува бидејќи мерните инструменти во близина на цементарницата не работат цела година. Затоа во накраток можен рок ќе поставиме мрежа од модерни мерни инструменти низ целиот град. Затоа, уште во првите 30 дена од мандатот, ќе дадам налог за испитување на загаденоста од соодветни странски и домашни лаборатории околу ОХИС, Јегуновце и Рашче. Долгорочните цели се целосна ревизија на дозволите за работа на индустриските објекти, воведување на најсовремени филтри и технологии. Ќе бараме редовна и построга инспекциска контрола од надлежните опшински и државни инспектори и будно ќе ја следиме нивната работата.
Имате ли лек за дивите депонии по Градот? Како гледате на решението за депонијата „Вардариште“ кое скопјани го поистоветуваат со Чернобил? Какво решение имате за градската депонија „Дрисла“?
– Нудиме решенија од 21. век. Регионалниот центар за управување со отпад Љубљана е најголемиот еколошки проект во Словенија. Направен е во 2015 година, во вредност од 155 милиони евра со донација од 50% од Европската комисија. Долгорочно го решава управувањето со отпад за една третина од Словенија. Придобивките од изградба на Скопски регионален центар за управување со отпад во „Дрисла“ се целосно решавање на проблемите со сите депонии во Скопје и во пошироката околина. Истовремено, покрај новите вработувања ќе имаме производство на електрична енергија од обновлив биогас и компост од биолошки отпад, кој се користи во хортикултурата. Рокот за изградба е 4 години, а финасирањето на овој центар би бил со пари од европски фондови и домашни инвеститори. Добивката би била двојна и за инвеститорите и за сите граѓани.
Во следниот мандат, Советот на Скопје треба да го донесе новиот Генерален урбанистички план. Со кои принципи и визии за Скопје сметате дека треба да се води ГУП, кон кои подрачја треба да се шири градот? На кои приципи треба да почиваат ДУП-овите, имате ли тајна формула за решавање на урбанистички проблеми?
– Не постои тајна формула, туку принципиелна и транспарентна работа. Урбанистичкиот хаос е започнат со укинување на Заводот за урбанизам на Македонија во 2014 година. Затоа, во Платформата 3+1, првата заложба ни е враќање на Заводот за урбанизам на Македонија со сите негови надлежности. Актуелната Агенција за просторно планирање е само нем сведок на урбанистичкиот хаос и воопшто не ја извршува функцијата за која постои. Другата одговорна институција, Министерството за животна средина и просторно планирање, е профитен центар на партиските моќници на штета на граѓаните. Затоа, Генералниот урбанистички план треба да биде изработен од стручни лица, без партиско или бизнис-влијание. Враќањето на Заводот за урбанизам на Македонија е од витално значење за нормализација на живеењето, не само во Скопје туку и во цела Македонија. Втората заложба ни е оживувањето на месните заедници, каде граѓаните поактивно ќе се вклучат во донесување одлуки. Во десетте скопски општини и град Скопје има вкупно околу 300 советници. Досегашната практика докажа дека тие служат како гласачка машина и се активни соучесници во криминалната урбанизација и неказнувањето на загадувачите. Третата заложба, закон за нова територијална поделба е во логична поврзаност со првите две. Само една третина од приходите на општините се од даноци. Другите две третини се дотација од владата и комуналии од нови згради. Затоа, општините се заложници на централната власт и подложни на криминал од урбаната мафија.
Знаејќи дека ниту една голема партија нема да дозволи да се врати одговорноста кај стручните лица, одлучувањето кај граѓаните и финансиската самостојност на општините, овие прашања мора да ги решиме на референдум. Референдумско решавање на заложба од Платформата 3+1. Сметаме дека референдумот е единствен начин да се ослободиме од штетните партиски влијанија и конечно да добиеме градови со квалитетни услови за живот.
Јавната хигиена е еден од клучните проблеми на Градот, кој во очите на граѓаните е „валкан град“. Како да се надмине тој проблем? Сметате ли дека треба да се смени концептот на градските јавни претпријатија и на кој начин тоа би се извело?
– Не е тајна дека сите ЈП се длабоко партизирани и превработени и работат со загуба. Наместо стручни лица и квалификувани работници, поголемиот дел се неработници на измислени работни места. Во „Визија 2050“, во столбот Животна средина е делот Одржливи Јавни претпријатија со циркуларни модели. Имаме тим за секое ЈП, кој работи на план за оптимализација и финансиска независност. Се водиме по примерот на Загреб, односно „Загребачки холдинг“. Холдингот е во целосна сопственост на градот, а е составен од 12 подружници кои ги обавуваат сите јавни услуги.
Како ќе го решите проблемот со бездомните животни оти во изминатите години имаше разни начини за нивно решавање?
– До скоро, ЈП Лајка ѝ даваше годишен паушал од 20.000 евра на адвокатска канцеларија за да ги застапува пред суд. Судските предмети беа заради каснување од бездомно куче и сите предмети беа изгубени. Двоен зијан за граѓаните, а противзаконско збогатување на неколумина. Со дополнителен фонд од 80.000 евра и со стручни и чесни лица, во еден мандат трајно се решава прашањето со бездомните животни.
Младите сè почесто се иселуваат. Кој е вашиот концепт за нивно задржување во Градот?
– Во нашата програма се превидени повеќе работи за младите. Приоритет е отвoрање центри за воншколски активности по примерот на некогашните Вавилон-центри. Најмалку десет, во секоја општина по еден центар во рок од 4 години. Сите поврзани со странски технолошкиот парк, каде што ќе се учат и ќе се практикуваат нови знаења и нови технологии. Меѓу другото, предвидуваме ослободување од плаќање за користење на училишните спортските сали за малите спортски клубови и обезбедување финансиски надомест на наставниците кои организираат вонредни активности (секции, клубови, проектни потфати и сл.) со учениците. Младите не се отселуваат заради немање ноќен живот, туку поради системската неправда наметната од партиите во сите сфери. По трагедијата во Кочани, полноќниот живот во Македонија целосно замре. Тоа укажува дека сите ноќни клубови и дискотеки имале недостатоци во лиценците или воопшто не поседувале лиценца. Како активен учесник на ноќниот живот во Скопје, многу добро знам какво беше Скопје во 90-тите години. Ќе го цитирам коментарот на еден странски музичар кој беше гостин на легендарниот Канал 103, „Скопје е направен од архитекти од пеколот, но има пеколно добар ноќен живот“. Не ми е приоритетна тема, но за да има ноќен живот, предуслов е да имаме квалитетен живот. Кога ќе ги средиме побитните теми, повторно ќе имаме „пеколно добар ноќен живот“.
Имате ли тајна формула за обнова и за рехабилитација на лунапаркот и на зоолошката градина?
– За повторно отвoрање на лунапарк би се побарале донации од големите компании, а со понудените содржини би се остварила финансиска одржливост на паркот. Зоолошката би требало да се модернизира и да стане центар за репродукција на загрозени видови животни од Балканот и од Европа. За дел од животните за кои нема соодветни услови, би се размениле со други зоолошки според утврдената практика. Бидејќи нашите најмлади жители многу ретко имаат можност да ги видат традиционалните домашни животни, ќе се отвори дел за македонски автохтони и балкански домашни животни.
Кои од досега изнесените идеи на вашите противкандидати најмногу ви се допадна, дали ќе ја преземете во програмата? Дали во вашиот кабинет, доколку бидете изгласани, ќе има место и за нив?
– Од она што досега го видов по медиумите, ниту една идеја не би можел да ја пофалам ниту да ја прифатам. Се предлагаат и проекти кои се надвор од ингеренциите на скопскиот градоначалник. Јас очекувам реални и остварливи предлози и идеи, впрочем, и политиката ја сфаќам како натпревар на добри идеи.
Градските гробишта „Бутел“ ќе бидат јавно претпријатие
Граѓаните имаат големи поплаки за состојбата на Градските гробишта. На кој начин сметате дека треба да се реши овој проблем?
– Најголема грешка е што наместо ЈП, „Бутел“ е акционерско друштво. Истото е направено заради тесни партиски интереси и огромен профит на неколкумина. Дојдено е време повторно да стане ЈП во интерес на сите жители. Ќе ги искористиме сите правни и политички средства зa да го направиме тоа. Во Законот за гробишта и погребални услуги, во членот 2 пишува: „Гробиштата како добра во општа употреба се во сопственост на Република Македонија, уживаат посебна заштита и се користат под услови и на начин утврдени со овој закон“. Значи, сопственик е државата. АД „Бутел“ е само управител на гробишата. Според членот 38 од истиот закон, „Надзор над примената на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи и органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на здравството. Инспекциски надзор над примената на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон го вршат Државниот комунален инспекторат и Државниот санитарен и здравствен инспекторат“. Но, и покрај ваквата регулатива, Градот Скопје нема да биде нем посматрач на проблемите што ги имаат граѓаните при користење на погребалните услуги. (Б.Ѓ.)