Општина Илинден официјално започна со реализација на еден од своите капитални инфраструктурни проекти. Станува збор за изградба на нов плочест мост и сервисна улица „500“ во населеното место Марино.
Од Општината информираат дека проектот предвидува изградба на мост со коловоз широк 6 метри и тротоари од по 1,5 метар од двете страни, со што ќе се обезбеди безбедно и непречено движење на пешаците и возилата. Покрај мостот, ќе се гради и нова сервисна улица во должина од 260 метри, со коловоз широк 5,5 метри и тротоари на двете страни. Дополнително, проектот опфаќа и изградба на систем за собирање и одведување на фекални отпадни води, односно поставување фекална канализација за објектите што гравитираат кон оваа улица – што претставува значаен придонес кон подобрување на инфраструктурата и условите за живот во овој дел од општината.
Градоначалникот на Општина Илинден Алекснадар Георгиевски истакна дека со изградбата на новиот мост и улицата ќе се направи спојување на веќе изградената улица „119“ во Јака, со што оваа населба со над 330 домаќинства ќе се поврзе со централниот дел на општина Илинден, односно со Марино. Исто така, значително ќе се подобри и сообраќајната поврзаност, како и квалитот на живот на граѓаните.
Средствата за реализација на овие проекти се 70% финансирани од Владата, а 30% од буџетот на Општина Илинден.