ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Добро истрениран ум

48

Буда сметал дека луѓето треба да го изградат животот врз основа на разумот, укажувајќи дека е добро е да се има позитивно истрениран ум, затоа што добро истренираниот ум донесува среќа. Затоа, предочил: „Таков си, какви што се твоите мисли“. Тој ја потенцирал важноста на актуелниот миг. Според него, не треба да одиме по стапките на минатото и фанатично да ја посакуваме благосостојбата во иднината бидејќи „она што изминало, е мртво и непостојно, а иднината допрва треба да дојде“.

Буда се интересирал за тоа како да се совлада (запре) текот на животот, кој е непостојан и исполнет со болка. Излезот од вечните преповторувања е возможен ако се достигне состојбата на нирвана, како духовно спокојство и ослободеност од страдањето. Но, луѓето не се ослободени од товарот на своите дејства бидејќи кармичката законитост постојано ги соочува со последиците од преземените активности. Според лозунгот на кармата, сѐ што правиме раѓа некој плод. Тоа што е поединецот во овој живот, е последица на тоа што го направил во минатото, а тоа што го прави во сегашноста ќе одреди што ќе биде во иднината. Овој синџир на причинетост се нарекува самсара – тркало на раѓањето и на смртта. Укажувањето е дека ништо не останува невозвратено и дека секој е лично одговорен за нештата со кои се соочува во животот.

Буда бил уверен дека внатрешниот мир е возможен за човекот што ја надминал зависноста од телесните уживања и од ниските страсти. Затоа, почнал да ги мотивира луѓето духовно да се разбудат и самите себеси да се поттикнат на нужна морална акција.

Најпознатите учења на Буда, четирите благородни вистини и осумкратниот пат, ја опишуваат природата на човечкото страдање и предочуваат етички начела за ослободување од животните болки и страдања.

Првата вистина укажува дека човековиот живот, во принцип, е несреќен и подложен на болка и страдање, кои започнуваат со самото раѓање и се проследени со разни болести на духот и на телото. Буда дефинирал шест вида на универзално страдање:

  1. Страдањето започнува со траумата произлезена од нашето раѓање.
  2. Во текот на животот треба да се справиме со болките и со страдањата произлезени од болестите.
  3. Стареењето создава опаѓање на силата и налага ограничувања.
  4. Стравот од смртта е присутен во текот на целиот живот.
  5. Низ целиот живот страдаме, ако сме вовлечени во нешта што не ги сакаме.
  6. Страдаме, ако сме разделени од нештата што ги сакаме.

Втората вистина се однесува на потеклото на страдањето, тоа произлегува од ниските страсти, копнежот, себичноста, неспокојноста и од алчноста; тие се поголеми ако човекот е приврзан за материјалните нешта, славата и за предметот на желбите. Буда укажал дека копнежот се должи на незнаење – недостиг на духовна перцепција што предизвикува човекот да живее во неосвестеност. Алчноста ја објаснил со следните зборови: „Кога би постоела планина од злато, дури и двојно поголемо количество не би било доволно да задоволи духовно неизграден човек“.

Третата вистина зборува за престанокот на страдањето. Тоа ќе се случи ако ги неутрализираме ниските страсти, ако го згаснеме копнежот кон минливите задоволства и престанеме да се окупираме со потребите на егото, со себичноста и со перспективите на иднината.

Четвртата вистина го изложува патот за престанок на страдањето, кој е поврзан со надминување на неосвестеноста, неморалноста и кармичкото казнување. Буда укажал дека е недоволно само да ги осознаваме  нештата. За да го надминеме страдањето, неопходно е да го подобриме начинот на живот и да го промениме мислењето за состојбите што го оневозможуваат нашето духовно напредување. Треба позитивно да дејствуваме на ниво на сознание, емоции, поведение и етика и да го зголемиме квалитетот на нашето живеење. Тоа ќе овозможи духовна трансформација и искористување на потенцијалите на нашата личност.

Страдањето потекнува од трите основни отрови на умот: приврзувањето, гневот и заслепеноста. Излезот е во запирањето на текот на емоциите и на мислите кои предизвикуваат емоционални болки и тешкотии.

„Од несвесноста се раѓа погрешно сознание, од неморалноста заплетканост и притисоци врз нашата свест и живеење, од правењето лоши дела следуваат последици во форма на карма, која праведно нѐ следи заради нашите постапки – минати и сегашни“.

Врз основа на Будините идеи се создадени множество школи. Без оглед дали се застапуваат за верско доживување или само за етичка самосвест, во сите тие школи се подучува дека луѓето може да го постигнат спасувањето само со прочистување и будење, со морално збогатување и со духовно оздравување. Основата е во медитирањето, освестувањето, во станувањето морално умен. Овие се дел на личноста, не се пренесуваат, затоа секој за себе треба да се освести и да ги разбуди.

Во својот стремеж кон високо духовно воздигнување и етичко дејствување, Буда кажал: „Кон сѐ, без оглед дали е горе или долу, оддалечено или блиску, видливо или невидливо, треба да одржуваш однос исполнет со неограничена љубов, без никакви непријателства и без желба да уништиш. Да се живее во таква свест додека стоиш или чекориш, седиш или лежиш, е Брама-вихара (движење и радување во духот на Брама)“. За да се постигнат овие високи категории на духовна пробуденост, освен мудрост и љубов, неопходно е да се следат етичките патокази на животот.

Етичките поуки на Буда содржат осум дела од една целина, што се нарекува Пат со осум патеки, во кој централно место заземаат активностите на умот, моралот и концентрацијата.

Првите две „патеки“ зборуваат за сознанието (пана). Тие се однесуваат на правилното мислење, иницирањето на облагороден поглед на светот и на имањето добри намери во дејствувањето.

Следните три патеки спаѓаат во класичното учење за моралот (шила). Човекот треба да внимава што зборува, како постапува и каков однос гради кон сепостоечкото. Треба да има позитивен и ненавредлив говор, да се воздржува од правење зло, да биде правичен, добродетелен и хуман во контактите со другите.

Врвот на етиката, според Буда, е медитацијата (умната размисла, самади), чија крајна суштина е концентрацијата. Тука се препорачуваат три патеки – три вида етички активности: облагороден, правилен напор, правилно внимание и облагородена, правилна концентрација.

Осумкратниот пат започнува со промените што се случуваат внатре во нас – мислите, чувствата и преживувањата, но ефектот се распростира надвор кон надворешниот свет – во работата, во односите со другите и во творечките активности.

Идејата е дека со правилните етичко-психолошки активности се облагородува и се ослободува личноста. Оној што стигнал до крајот на посакуваниот етичко-медитативен пат, според будизмот се нарекува архат. Тој е идеален тип на здрава личност, совршен, идеален човек, целосен мудрец кој допрел до највисокото сознание, стигнал до крајната можна точка на духовниот и личен развој.

Во суштината, живеењето вистински етички живот е живот исполнет со самодисциплина. Кога Буда рекол дека секој е господар на самиот себе, всушност, сакал да ни каже дека нашата судбина се наоѓа во нашите раце.

Голем број од нашите страдања се поврзани со надворешни фактори, но неспоредливо поголем е бројот на внатрешните неспокојства кои се производ на нашиот ментален свет. Иако крајната цел е да ги елиминираме помрачувањата и нејаснотиите од нашиот ум кои нѐ попречуваат во стекнувањето вистински увид во тоа какви се нештата навистина, не можеме да го постигнеме тоа без претходно да ги совладаме емоциите и мислите што создаваат болка, тегобност и неспокојство. Истоветно, иако нашата главна цел е да им помагаме на другите свесни битија да го смират и да го скротат својот ум, и оваа цел не можеме да ја исполниме без најпрвин да го смириме и да го скротиме сопствениот ум.

   (авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

                                    (продолжува)

ИЗДВОЕНИ