„Додека ние го менувавме името, некои европски држави не можеа ни влада да состават. Сепак, и покрај сите разочарувања, граѓаните продолжуваат да веруваат во европската идеја, можеби не затоа што ЕУ ја заслужи таа верба, туку затоа што алтернатива нема. Ако треба да се направи некаков биланс: Ние затворивме едно поглавје со Грција. Тие сè уште го бараат пенкалото за да го потпишат датумот. Сепак, останува неопходно да се изнајде решение со Бугарија, но решение што ќе биде достоинствено и да го добиеме заслуженото членство бидејќи европската иднина е важна“, вели аналитичарот Џенур Исени за весникот ВЕЧЕР. Дека нешто скоро ќе се случи во евроинтегративниот процес, скептичен е и аналитичарот Синиша Пекевски, според кого ЕУ не нè сака во нивно друштво, а и ние се правиме за да не влеземе. |
Како Македонија ја дочека седумгодишнината од Преспанскиот договор кога со параф стана Северна? Од оваа дистанција гледано, станавме членка на НАТО, сменивме лични документи, регистарски таблички, имиња на институции, но и натаму останавме во чекалната на Европската Унија. Аналитичарите велат дека тогашната болна одлука на Македонија не е наградена од ЕУ, а скептици се дека набрзо нешто ќе се смени.
-Пред точно седум години, Северна Македонија направи еден од најтешките, но и најхрабри компромиси во својата понова историја го смени уставното име во духот на европската перспектива, со надеж дека тоа ќе го откочи патот кон ЕУ. Седум години подоцна, реалноста е трезна: вратата на Европската Унија сè уште е затворена. Во меѓувреме, државата направи болни реформи, потпиша историски договори, и покажа геополитичка зрелост што ретко кој од регионот ја демонстрираше. Но, наместо конкретна награда, доби нови услови, нови блокади и нови ветувања без рок на траење, вели Џенур Исени и додава дека политички гледано, Македонија денес е пример за тоа како една мала држава може да биде заложник на внатрешната политика на земјите членки на ЕУ.
-Додека ние го менувавме името, некои европски држави не можеа ни влада да состават. Сепак, и покрај сите разочарувања, граѓаните продолжуваат да веруваат во европската идеја, можеби не затоа што ЕУ ја заслужи таа верба, туку затоа што алтернатива нема. Ако треба да се направи некаков биланс: Ние затворивме едно поглавје со Грција. Тие сè уште го бараат пенкалото за да го потпишат датумот. Сепак, останува неопходно да се изнајде решение со Бугарија, но решение што ќе биде достоинствено и да го добиеме заслуженото членство бидејќи европската иднина е важна, вели Исени.
Дека нешто скоро ќе се случи во евроинтегративниот процес, скептичен е и аналитичарот Синиша Пекевски, според кого ЕУ не нè сака во нивно друштво, а и ние се правиме за да не влеземе.
-Имаме спој на неспособни политичари, висока корупција и двојни стандарди на ЕУ. И во иднина нема ништо да се смени, затоа што и кај двете страни владеат истите стандарди, за жал. Никој не сака држава со толкава корупција и невладеење на правото, изјави Пекевски за весникот ВЕЧЕР.
Пред точно седум години, на 17 јуни 2018 година во Нивици на брегот на Преспанското Езеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете држави. Република Македонија го смени името во Република Северна Македонија, Грција призна македонски јазик и македонска националност, земјата стана членка на НАТО, а се интензивираше и билатералната соработка со Грција. Но поради спор со друг сосед и натаму е во чекалницата на ЕУ.
Договорот беше постигнат во период кога во Грција на власт беше СИРИЗА, а во Македонија СДСМ. Документот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете држави. Осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во македонското Собрание и во грчкиот Парламент, Договорот официјално стапи во сила на 12 февруари 2019 година.
Согласно со договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството е македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски. Земјата стана 30. членка на НАТО и иако името континуирано со години се споменуваше како пречка за ЕУ-перспективата на државата, сепак не го отвори целосно патот кон Европската Унија. Со Грција, седум години подоцна, и покрај промената на власта и во двете земји, билатералните односи се на добро ниво иако Македонија ги направи сите отстапки, а во Грција не се покажа таков слух.
Ланската промена на власт во земјава го актуализираше Договорот од Преспа, со пораки од Атина до Скопје дека мора да се почитува, но една година подоцна задржана е билатералната комуникација, на ниво на средби меѓу министри од владите од двете држави. Што е имплементирано од Договорот? И додека нашата држава исполни голем дел, а можеби и сите обврски од Договорот од Преспа, во однос на имплементацијата, како што се промената на уставното име и Уставот, менување на пасошите, регистарските таблици, менување на имињата на министерствата и институциите и слично, од грчка страна, како што неколкупати во минатото има пишувано МИА, постојат одредени доцнења што се однесуваат на спроведувањето на договореното. Трите меморандуми за соработка потпишани во 2019 година, а за првпат доставени во грчкиот Парламент на средината на септември 2020 година, сè уште не се ратификувани и покрај тоа што опозициската СИРИЗА лани ги достави по втор пат, а дополнително, не е одржан вториот Совет на високо ниво.
Согласно со Договорот од Преспа, Советот за соработка на високо ниво предводен од премиерите на двете држави, „ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе биде надлежно тело за правилно и делотворно спроведување на оваа Спогодба и Акцискиот план кој ќе произлезе од истата“. Првата и единствена меѓувладина седница беше одржана во Скопје во април 2019 година, при посетата на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас, додека, пак, на втората домаќин треба да биде Грција.