Птичји грип во регионот – нема место за паника ако сте внимателни!

Кај нас, сè уште нема регистрирано заболени птици, но, сепак, епидемиолозите предупредуваат за внимателност. – Нема потреба од паника, ниту од промена на секојдневните навики. Потребно е граѓаните да внимаваат да не допираат или собираат мртви птици. При контакт со сомнителни животни, веднаш да поднесат пријава до надлежните служби. Институциите, пак, да продолжат со континуираниот надзор – препорачува епидемиологот Драган Даниловски

98

 

Вирусот активно се шири меѓу диви птици во Словенија и во Хрватска

Во периодот од 1 септември до 31 октомври оваа година, кај диви птици, во 26 европски земји, беа пријавени 456 случаи на високопатоген птичји грип (HPAI) од поттипот H5N1, со дополнителни 106 епидемии кај живината и 22 кај птиците во заробеништво. Податоците од Европскиот систем за пријавување болести укажуваат на тренд на пораст, што е многу загрижувачки за ветеринарните служби.

На 30 октомври 2025 година, потврден е првиот случај на HPAI во Словенија оваа година, кај црвеноклунест лебед, пронајден мртов во Општина Велење, во регионот Савињска. Оваа појава дополнително потврдува дека сè уште активно се шири вирусот меѓу популацијата на диви птици во Централна Европа.

Превентивните мерки остануваат задолжителни и во Хрватска. Поради високиот ризик од појава на болест, мерките пропишани со наредбата за спречување појава и ширење птичји грип сè уште се во сила во Хрватска. Тие се применуваат на целата територија на државата и вклучуваат: задолжително спроведување мерки за хигиена и биолошка безбедност во сите земјоделски култури, чување живина и птици во заробеништво без контакт со диви птици, чување водни птици (патки, гуски) одвоено од другите видови. Хрватското Министерство за земјоделство, шумарство и рибарство апелира за одговорно однесување на сите сопственици на живина и на птици и потсетува дека секоја промена во здравствената состојба, намалување на потрошувачката на храна или вода и секоја смрт мора веднаш да се пријават кај надлежната ветеринарна организација.

Кај нас, сè уште нема регистрирано заболени птици, но, сепак, епидемиолозите предупредуваат за внимателност. Епидемиологот д-р Драган Даниловски потврдува дека последниве месеци, во неколку европски земји се регистрирани нови случаи на високопатоген птичји грип (HPAI), поттип H5N1, главно кај диви и кај домашни птици, но повремено и кај други животински видови.

– Станува збор за познат вирус, кој повеќе од две децении циркулира во различни форми и е предмет на постојан меѓународен надзор. Според Европската агенција за безбедност на храната (EFSA), Светската здравствена организација (СЗО) и Светската организација за здравје на животните (WOAH), во моментов нема докази дека вирусот се пренесува ефикасно меѓу луѓето. Затоа, ризикот за населението се оценува како низок – вели д-р Даниловски за весникот ВЕЧЕР.

Појаснува дека H5N1 е вирус што предизвикува сериозни заболувања кај птиците.

– Кај луѓето, инфекциите се многу ретки и обично се последица на директен и близок контакт со заразена птица. Не се забележани докази за траен пренос од човек на човек. Значи, нема причина за паника. Системот за рано предупредување и контрола на заразни болести е активен, а постои координација меѓу ветеринарниот и здравствениот сектор, во духот на концептот уан хелт (едно здравје) – вели д-р Даниловски.

Универзитетскиот професор потсетува дека паралелно се спроведува кампања за вакцинација против сезонски грип (A/H1N1, A/H3N2, B/Austria, B/Phuket), која не штити од H5N1, но е исклучително важна за одржување на јавноздравствената стабилност.

-Нема потреба од паника, ниту од промена на секојдневните навики. Потребно е граѓаните да внимаваат да не допираат или собираат мртви птици. При контакт со сомнителни животни, веднаш да поднесат пријава до надлежните служби. Институциите, пак, да продолжат со континуираниот надзор – препорачува д-р Даниловски.

Инаку, минатата година, точно во овој период, во скопската Зоолошка беше потврден птичји грип, по што беа убиени 36 птици, а посетителите беа во паника. За среќа, болеста не се прошири.

 

ИЗДВОЕНИ