НЕЗАВИСЕН КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ГРАД СКОПЈЕ ПОДДРЖАН ОД ТМРО: Вардариште конечно ќе добие нова намена – таму ќе никне новиот Саем на град Скопје (2)

Весникот „ВЕЧЕР“ во наредниов период ќе објави серија интервјуа со кандидатите за градоначалник на Градот Скопје, при што поканите да одговорат на нашите прашање беа испратени до сите кандидати. Целта е тие на јавноста да ѝ ги претстават своето видување за најактуелните проблеми на македонската метропола и својата визија за нејзиниот иден развој. Денеска ви го претставуваме професорот по дизајн на Европски универзитет во Скопје, Алексадар Рашковиќ независен кандидат поддржан од ТМРО

85
Со воведување трамвајска линија, тролејбуси и електрични автобуси ќе изградиме нов и функционален јавен превоз, кој ќе го намали сообраќајниот метеж и ќе придонесе кон почист воздух. Ќе го редизајнираме коритото на Вардар во место за рекреација и културни настани, ќе ги обновиме зелените појаси и парковите, ќе ја вратиме убавината на Старата чаршија… – наведува кандидатот Рашковиќ.

 

По професија универзитетски професор по дизајн на Европски универзитет во Скопје, Алексадар Рашковиќ досега немал никакво непосредно политичко искуство. Активен е во граѓанскиот сектор каде се ангажирал на остручувањето на младите луѓе и на заштита на ранливи категории на граѓани. Сега, по првпат се одлучил да се вклучи во една изборна трка, сè со цел својот град да го направи подобар и по мерка на луѓето што живеат во него.

Како би го опишале Град Скопје и неговите клучни проблеми во моментов и како го гледате по 4 години доколку би ја добиле довербата од граѓаните?

– Градот Скопје денес е град со огромен потенцијал, но и со сериозни проблеми што сите ги чувствуваме секојдневно. Загадениот воздух, сообраќајниот хаос, недостигот од зеленило и современа инфраструктура, нефункционалниот јавен превоз и запоставените културни и спортски капацитети го прават животот на скопјани тежок и често разочарувачки. Наместо да биде град по мера на граѓаните, Скопје премногу долго е заробеник на партиски битки, краткорочни политики и неусогласени одлуки. Мојата визија за Скопје по четири години е поинаква: модерен, чист и организиран град кој ќе наликува на вистинска метропола. Со воведување трамвајска линија, тролејбуси и електрични автобуси ќе изградиме нов и функционален јавен превоз, кој ќе го намали сообраќајниот метеж и ќе придонесе кон почист воздух. Ќе го редизајнираме коритото на Вардар во место за рекреација и културни настани, ќе ги обновиме зелените појаси и парковите, ќе ја вратиме убавината на Старата чаршија, а преку изградба на современи културни и спортски центри ќе го подигнеме туристичкиот и културен потенцијал на градот. Посебен акцент ќе ставиме на младите, на пензионерите и на лицата со попреченост – за да стане Скопје, конечно, град за сите. Свесен сум дека функцијата градоначалник носи големи предизвици, особено кога станува збор за можните блокади од Советот и ограничените ингеренции. Но јас сум подготвен за тоа. Моето искуство како професор и дизајнер ме научило дека секогаш постои решение кога има јасна идеја и искрена намера. Ќе работам транспарентно, со јавни дебати и со постојана поддршка од граѓаните. Кога граѓаните ќе застанат зад една визија, тогаш и Советот и институциите ќе мора да ја следат таа енергија. Не ветувам чуда преку ноќ, туку чесна работа, нова енергија и креативни решенија. Верувам дека Скопје заслужува повеќе и дека заедно ќе изградиме град по мера на луѓето што живеат во него.

Јавниот превоз е проблем број еден во Градот ако на него се гледа во поширока смисла и како систем за превоз и како извор на аерозагадувањето. Кога последен пат сте влегле во градски автобус и какво чувство имавте? За каков концепт на јавниот превоз во Градот се залагате и со кои извори на финансирање би го вовеле?

– Jавниот превоз е проблем број еден во Скопје – тоа е и превоз и решение за загадувањето. Јас секојдневно се возам со автобуси и знам колку е тешко – тие се стари, ретки и нефункционални. Мојата визија е модерен систем со трамвај, тролејбуси, електрични автобуси, „парк и рајд“ (park & ride) паркиралишта и целосна пристапност за лица со попреченост. Финансирањето ќе биде преку градскиот буџет, европски фондови и меѓународни банки. Скопје мора да добие јавен превоз што е достоинствен, еколошки и достапен за сите.

Скопје со години е на светската мапа на загаден воздух. Кои се првите и следни долготрајни мерки што ќе ги преземете за намалување на аерозагадувањето?

– Скопје со години е симбол на загаден воздух, а тоа мора да престане. Првите чекори се модернизација на јавниот превоз со трамвај, тролејбуси и електрични автобуси, повеќе зеленило и урбани шуми во секоја населба, строга контрола и казни за загадувачите, како и редовно миење на улиците. Долгорочно, ќе работам на дислокација на сите докажани загадувачи надвор од градот и транзиција кон чисти технологии и обновливи извори. Моите три фокуси се: јавен превоз, зеленило и нулта толеранција за загадувачи. Скопје мора конечно да стане град за живеење, а не индустриска зона.

Имате ли лек за дивите депонии по Градот? Како гледате на решението за депонијата Вардариште кое скопјани го поистоветуваат со Чернобил? Какво решение имате за градската депонија „Дрисла“?

– Дивите депонии се срам и болка за Скопје. Моето решение е нивно целосно отстранување преку редовни акции, но и со нов систем за собирање, селекција и рециклирање на отпадот. Ќе воведеме концепт „нула отпад“, со мотивација и поддршка за граѓаните да селектираат отпад уште во домовите, а во секоја населба ќе има современи пунктови за селекција. Вардариште конечно ќе добие нова намена – таму ќе никне новиот Саем на град Скопје, место за културни, економски и меѓународни настани, со современи хали и зелени површини. Тоа ќе биде симбол на новото Скопје – од „црна точка“ во гордост на градот. Дрисла е пред крај на својот капацитет и решението е нова технологија – постројки за селекција и енергетска преработка на отпадот по европски стандарди. Ќе отвориме јавна дебата за избор на соодветна локација и најеколошко решение, зашто Скопје мора да влезе во 21 век и во управувањето со отпад. Мојата цел е едноставна: Скопје без диви депонии, со нов Саем на Вардариште и со систем за „нула отпад“ што ќе биде пример за регионот.

Во следниот мандат, Советот на Град Скопје треба да го донесе новиот Генерален урбанистички план, со кои принципи и визии сметате дека треба да се води ГУП?  На кои приципи треба да почиваат ДУП-овите, имате ли тајна формула за решавање на урбанистички проблеми?

– Скопје денес се соочува со урбанистички хаос – преголема бетонизација, недостиг на зеленило и планови кои премногу често се носат во интерес на инвеститорите, а не на граѓаните. Новиот ГУП мора да се ревидира и да се донесе со вистинска јавна и стручна расправа. Моите принципи се јасни: зеленило пред бетон, транспарентност пред партиски интереси, квалитет на живот пред профит. Градот треба да се развива хоризонтално а не вертикално, со современи решенија што нема да го задушат центарот. Вардар мора да стане урбана оска со рекреативни и културни содржини, а мрежата на јавен превоз, велосипедски и пешачки патеки да биде приоритет во секое планирање. ДУП-овите ќе се преиспитаат – со задолжителна јавна презентација, јавна расправа и еколошка проценка за секој план. Мојата „тајна формула“ е едноставна: вклучување на јавноста и ставање на јавниот интерес над приватниот. Само така хаосот ќе се претвори во ред и Скопје ќе стане град по мера на луѓето.

Јавната хигиена е еден од клучните проблеми на Градот, кој во очите на граѓаните е „валкан град“. Како да се надмине тој проблем? Сметате ли дека треба да се смени концептот на градските јавни претпријатија и како би го сториле тоа?

– Јавната хигиена е еден од најсрамните проблеми на Скопје – граѓаните со право велат дека живеат во „валкан град“. Тоа е директна последица на неефикасни јавни претпријатија кои трошат милионски субвенции, а резултатот е нечисти улици и преполни контејнери. Моето решение е целосна трансформација на системот: Ќе воведам нов концепт на чистење – дневно и ноќно собирање, со современа механизација и редовно водено миење на улиците. Ќе се воспостави систем „нула отпад“, со селекција на отпад уште на ниво на домаќинство и посебни контејнери во секоја населба. Ќе има и мотивација и казни – граѓаните што селектираат ќе добијат бенефиции, а оние што загадуваат ќе плаќаат казни. Јавните претпријатија мора да престанат да бидат партиски легла и апарат за вработување. Ќе воведам професионален менаџерски модел со јасни цели, отчетност и транспарентност. Ќе се отвори простор и за јавно-приватни партнерства таму каде што тоа е поисплатливо. Скопје повеќе нема да биде валкан град.

 

Младите се почесто се отселуваат и од Скопје. Кој е вашиот концепт за нивно задржување во Градот? 

– Ако светот останува на младите, тогаш наша обврска е да им дадеме причина да останат овде, во Скопје. Точно е дека младите бараат модерен и организиран забавен живот – фестивали, концерти, културни настани, спортски и рекреативни содржини, нови клубови и простори што ќе му дадат пулс на градот. Но, тоа не е доволно. На младите не им треба само забава – им треба ангажман, можности и вработување. Затоа мојот концепт предвидува: Центар за младински иновации и стартапи, со финансиска и менторска поддршка за нови идеи. Програми за студентски практики во јавните претпријатија и во компании во градот, со можност за прво вработување. Културни и креативни зони во Скопје, каде што младите уметници, музичари и дизајнери ќе можат да создаваат и да изложуваат, Организација на меѓународни настани за спорт и култура, кои ќе го стават Скопје на регионалната мапа и ќе отворат нови можности за младите. Мојата визија е Скопје да стане град во кој младите се чувствуваат слушнати, вклучени и ангажирани – град кој не ги брка, туку им нуди иднина.

Имате ли тајна формула  за обнова и за рехабилитација на лунапаркот и на зоолошката градина?

– Точно е, Скопје е единствената метропола без лунапарк, а зоолошката градина е оставена сама на себе. Тоа е срам за еден главен град. Моето решение не е тајна формула, туку комбинација од јасна визија и модерни стандарди. Лунапаркот ќе го изградиме повторно, но со концепт за современ забавен центар – со безбедни и модерни реквизити, со зона за културни и музички настани, екозони со паркови и простори за семејна рекреација. Тоа нема да биде само парк со лулашки, туку вистински градски атрактивен центар. Зоолошката градина мора да се трансформира според европските стандарди – со проширување на просторот, со повеќе услови блиски до природната средина на животните, со едукативни програми за децата и со вклучување на современи интерактивни содржини. Наместо да биде место на тага, Зоолошката може да стане центар за едукација, заштита и љубов кон животните. Финансирањето ќе биде комбинација од градски буџет, европски фондови за култура, туризам и екологија, како и јавно-приватни партнерства.

Граѓаните имаат големи поплаки за состојбата на Градските гробишта. На кој начин сметате дека треба да се реши овој проблем?

– Градските гробишта во Скопје денес се симбол на запуштеност, нехигиена и високи трошоци, што со право предизвикува револт кај граѓаните. Моја цел е тоа да се промени со европски стандарди: редовно одржување и хортикултурно уредување, јасни и намалени ценовници, онлајн систем за услуги и поголема транспарентност. Ќе се водиме по примерот на Виена, каде гробиштата се уредени како паркови со јавен превоз и дигитални мапи; Лондон, со онлајн услуги и ценовници; и Копенхаген, каде гробиштата се зелени оази достапни за сите. Дел од просторот може да добие и културно-меморијална функција, по модел на Берлин. Со овие решенија, скопските гробишта ќе станат уредени, чисти и достапни – место на достоинство и почит, а не на жалби и срам.

Кои од досега изнесените идеи на вашите противкандидати најмногу ви се допадна, дали ќе ја преземете во програмата? Дали во вашиот кабинет, доколку бидете изгласани, ќе има место и за нив?

– Секој што се вклучува во трката за Скопје носи своја визија и свои идеи – и тоа е добро, затоа што градот заслужува дебата и различни перспективи. Некои предлози се звучни и атрактивни, но реалноста бара повеќе од убави зборови – бара план, знаење и решителност. Јас сум човек што верува дека добрите идеи не им припаѓаат на поединец или на партија – тие му припаѓаат на градот. Затоа, секое решение што е корисно за Скопје може да биде дел од мојата програма, но со една разлика: јас сум подготвен да го спроведам, а не само да го најавам. Во мојот кабинет ќе има место за секој што искрено сака да придонесе за градот, без разлика од каде доаѓа. Но Скопје нема време за импровизации, недоиздржани концепти или половични ветувања – потребни се луѓе што можат да ја претворат визијата во резултат. Јас не трошам време на тоа да објаснувам зошто нешто не може – мојата задача е да покажам како може. И тоа е суштинската разлика што ќе ја почувствуваат граѓаните. (Б. Ѓ.)

Бенефиции за граѓаните ако згрижат или ако хранат животни на улица

Како ќе го решите проблемот со бездомните животни  оти во изминатите години имаше разни начини за нивно решавање?

– Проблемот со бездомните животни не може да се решава со половични мерки и ад-хок акции, туку со визија. Скопје мора да научи од метрополи како Истанбул, каде градот создаде систем на „паметни куќички“ што обезбедуваат храна и вода за кучиња и мачки во замена за рециклиран отпад. На тој начин, граѓаните се мотивираат да селектираат отпад, а животните добиваат грижа. Мојот концепт за Скопје е комбинација на хуманост и иновација: Изградба на современ центар за стерилизација, вакцинација и згрижување, со партнерство со здруженијата. Воведување на „умни пунктови“ по населбите – машини за храна и вода што се активираат со фрлање пластика или лименка, како во Истанбул. Програма „стерилизирај и врати“ за постепено намалување на бројот на бездомни животни на хуман начин. Граѓанска мрежа на старатели – инспирирана од Виена, каде што жителите добиваат симболични бенефиции ако згрижат или ако хранат животни на улица. Строги казни за неодговорни сопственици што напуштаат миленици. Со вакви решенија, Скопје може да стане пример за регионален центар.

 

ИЗДВОЕНИ