среда, февруари 4, 2026
Дома КОЛУМНИ ПРОФ. Д-Р МАРКО КИТЕВСКИ ЗА ГРИГОР ПРЛИЧЕВ: Татковината секогаш прекумерно накажува и...

ПРОФ. Д-Р МАРКО КИТЕВСКИ ЗА ГРИГОР ПРЛИЧЕВ: Татковината секогаш прекумерно накажува и прекумерно љуби

56
ВО ПРЕСРЕТ НА 6 ФЕВРУАРИ, ДЕНОТ КОГА СЕ СЛАВИ СПОМЕНОТ НА ГРИГОР ПРЛИЧЕВ

 

 

Македонскиот народ во минатото, како во подалечното така и во поблиското, имал многу синови и ќерки на кои татковината им значела повеќе од сопствениот живот. Но ретко кој таа приврзаност кон татковината ја опишал така силно како што тоа го направил Григор Прличев. Во автобиографскиот текст, во словата кажувани по разни поводи, па дури и во поетските творби, од него зрачи силна љубов кон татковината. Во „Автобиографијата“ пишува дека кога османлиските власти го воделе низ Охрид за да го испратат во дебарскиот затвор, мноштво народ се собирал да го испрати и да му даде поддршка. „Од минута во минута се множеа испраќачите. Старци се забележуваа во младината и жени во мажите. Каде што минавме, по сите врати и прозорци се гледаа насолзени лица: татковината секогаш прекумерно накажува и прекумерно љуби.“

За Прличев, херој е оној што сака да направи некое добро дело за татковината. Затоа, во словото одржано на погребот на учителката Катерина Сарафова во Охрид, тој ги цитира нејзините зборови што им ги рекла на другарките:  „Јас ќе си умрам и верувајте, мили мои друшки, не ми е жал за мене толку, колку што ми е жал за домашните, а најмногу ми е жал што не ќе можам ништо да ѝ послужам на својата татковина“. Затоа, Прличев ги повикува учениците и ученичките: „Трудете се да ѝ послужите на својата татковина.  Да постигнете се најдобро, како што можеа да постигнат големите личности, историските личности. Зошто тие станаа великани во историјата? Ден и ноќ тие мислеле како да ѝ бидат полезни на својата татковина, и воопшто, како да му послужат на бедниот човечки род. Животот е мачен. Да. Животот е тежок и одвратен, но животот е убав и мил. Кога човек се труди да направи нешто добро, тој е блажен не само на овдешниот туку и на другиот свет.“

За време на својот престој во Атина, Прличев многу страдал, најпрвин затоа што бил далеку од татковината, а потоа и од навредите и од потценувањата на кои бил изложен. По доделувањето на наградата за поемата „Сердарот“, грчките власти се обиделе да го придобијат, нудејќи му да го пратат на школување во странство. „Сакаш ли да те пратиме во Оксфорд или во Берлин да се учиш на државна сметка?… Узнав оти целта им беше да ме посветат на грчката служба и реков: Нужда велика е да идам дома.“

На друго место вели дека во Атина, како голем зналец на грчкиот јазик и грчката култура, Грците многу го сакале, но само додека се надевале дека ќе го придобијат за свои цели. „Тие ме љубеа многу и многу повеќе од сина и брата додека се надеваа дека во своето срце ќе им дадам место на грчките идеи, на елинскиот дух. Но кога видоа дека јас ја љубам народноста своја повеќе од својот живот, сите, како по спогодба, ме изоставија. Никој мој пријател, ни соученик ни сотатковник, не ме поздравуваше. Еден само, Јаким Сапунџиев, ми остана верен. Со него често разговаравме за татковината“. Во тие околности,  далеку од родниот Охрид, на Григора многу му значело да има со некого да разговара за татковината. Поради своето потекло, за време на студиите во Атина доживеал многу навреди од горделивите Грци. Поради тоа не ги сакал ни своите соученици. Кога квечерум покрај универзитетот минувале костурските работници и зборувале на својот јазик. неговите соученици велеле: „еве ги идат воловите“. „Ми се кинеше срцето – вели Прличев – навреден во народното чистољубие, тлеев од гнев и не можев да го излеам…“ (Григор Прличев, „Одбрани страници“, Скопје 1959)

А кога ѓаконот на руската црква му кажал дека прочитал во „Дунавски лебед“ за смртта на браќата Миладиновци во цариградските темници, тоа било уште еден удар врз Прличев. „Останав како статуа недвижен и безодветен, но моето срце го колнеше грчкото духовенство“. Поемата „Скендарбег“ му ја предал на И. Сапунџиев за да ја предаде на комисијата, а тој заминал за татковината. „…и тргнав со тврдо решение да гинам или да одмаздам за Миладиновци“. И во текстот „Мечта на еден старец“ се присеќава на овој настан. „…решително јас го оставив таму сиот украс на својот живот и тргнав за својата татковина да ѝ служам бесплатно, да умирам заедно со своите сограѓани што умираа, да им го покажам правиот пат кон напредокот, да го искоренам елинскиот јазик од цркви и училишта, по четири века варваризам да го воведам звучниот словенизам, и за народниот напредок и одмазда за смртта на своите учители да претрпам неискажани маки?“

Пред да го испратат во дебарскиот затвор, Прличев го извеле пред кајмакамот и повеќемина одродени граѓани кои го клеветеле. Главното обвинение било што го вовел народниот јазик во училиштата на местото на грчкиот. „Не ти се бендисуваше ли елинскиот, преку кој си се просветил? – му рекол А. Зарчев. – Што ти требаше да се мешаш во политички работи, му рекол Х. Владииков. – Што ти требаше да викаш против владиката? – му рекол Н. Стружанче. И најпосле, кајмакамот му рекол дека ако го остави народниот јазик, веднаш ќе го ослободи. „Подобро смрт“, – рекол Прличев, по што бил испратен во дебарскиот затвор каде што доживеал страшни малтретирања и понижувања.

Во песната „Петстотини години сè погрчено“, Прличев пее за духовното ропство од кое страдал неговиот народ. „Тука беше сè грчко, петстотини години сè погрчено. Со благослов Господов ја запознавме народноста своја и за кратко време во една година го симнавме грчкото ропство од страдните рамења. Грчкиот митрополит Мелетија најде неколку души, невини души, прости души, кои не знаат што е народност, кои не знаат дека народноста вреди скапо и толку скапо колку и верата. Ги најде тие простаци и ги привлече“. Прличев со големо внимание и признателност зборува за луѓето што ѝ биле верни на татковината и на народноста. Со пофалба зборува за оние „осум чесни старци“ што биле испратени во Дебар, во онаа сурова зима, со измрзнати нозе, а оделе со цел да молат за спасение на неколкутемина затвореници меѓу кои бил и Прличев, „да ги искажат молбите и да нè спасат од сигурна смрт. Ете што значи да гине човек за народот свој, да остави име по смртта, зашто смртта негова не е смрт, но е и воскресение“.

Прличев верувал дека на сите добри дела направени за татковината. таа соодветно возвраќа. Кога се враќал од Атина, се сместил на покривот на бродот. „Ден и ноќ без сон, со отворен шатор седев над своите книги за да ги зачувам од мокро. Кога стигнавме дома, мајка ми забележа дека мевот ми е поголем од обично; но татковинскиот воздух ме опорави“.

Кога се вратил од Атина еден период немал работа. Училиштето било затворено, но градските првенци не го сакале за учител. Но кога разбрале дека „клисурјаните“ го бараат за учител за „десет илјади годишнина“, го повикале и му понудиле шест илјади. „Ние немаме сила да ти дадеме повеќе од шест илјади, но те молиме да не ја оставаш татковината. Итн. Без никакво колебање реков дека ги претпочитам шесте илјади охридски пред десетте клисурски. Видно беше задоволството у сите“.

Прличев смета дека оној што решил да ѝ се посвети на татковината не треба да се жени. Смета дека човекот е пополезен за татковината ако е ослободен од семејните обврски„…ако и да знаев дека кој сака да се посвети на татковината, треба да е безбрачен – меѓутоа како за инает на своите мачители, се оженив“. Истакнувајќи дека секому му пожелува да има домаќинка како неговата, Прличев вели: „Но верно е дека ќе ѝ бев пополезен на татковината ако бев останал слободен“.

Посебно впечатлив е односот на Прличев кон младите. Целиот свој живот тој се бори за нивно образование на мајчин јазик. Зашто, без образование или со образование на туѓ јазик тие се слепи, со образование на мајчин јазик се со очи соколови. Прличев се радува на успесите на младите и ги советува да имаат чесен однос кон татковината. „Колку е мило да го гледа човек напредокот на младите, особено на женскиот пол“. Прличев смета дека особено жените може да бидат од полза на татковината. „Бог ја надари жената со убавината на ѕвездите и со гласот на ангелите и со длабоко и беспримерно чувство. Тие божји дарови, особено кај девојките, најдостоинствени се. На секоја стапка внимавајте да не скршните, да не го упропастите достолетието ваше, да не ја обезвредните сличноста божја што се наоѓа во вас“. Прличев уште за девојките вели: „Ангелите од небото кон вас ги имаат свртено очите, поведението да ви го видат. Ако поведението ви е добро, колку се радосни ангелите, но в час ако скршните надвор од патот на добродетелта, голема е болката на небесата, тогаш ангелите од жалба, со крилјата лицето го кријат“. Како човек на кого многу му значи воспитанието, Прличев вели: „Воспитаните мајки се во полза не само на својата чест но и за целата татковина. Од вас, впрочем што не може да направи една воспитана девојка или жена? Сè за неа е возможно. Историјата докажа дека многу воспитани жени беа од полза не само на својата  татковина туку и на целото човештво“.

Со личен пример. Прличев покажувал како треба секој да се бори за татковината, да се жртвува и да е готов и животот да го даде за неа. За тоа зборува неговата борба за исфрлање на грчкиот јазик од црквите и школите, за воведување на мајчиниот јазик. Затоа многу претрпел, бил затворан, мачен, живеел во лоши услови некогаш доаѓал во состојба да не се знае дали ќе преживее, но од борбата не се откажувал: „По распламтен оган ќе газиме, / Со змии и чкрапји до смрт ќе се бориме, / Непријателите наши како прав ќе ги растуриме, / И земјата, на татковците наши, цела ќе ја ослободиме, / ЗАШТО БОГ Е СО НАС!“  (Григор Прличев, Водач ме праќа татковината, Скопје, 1983)

Прличев бил најмногу разочаран што не се ценела неговата посветеност на училишното дело. Се откажал од привилегиите што му ги нуделе во Атина за школување во европските центри, се откажал и од слава и од богатство, само за да биде од корист на татковината. А сметал дека најмногу ќе ѝ користи на татковината ако целосно се посвети на учителскиот позив, ако произведе образовани кадри како што на времето правеле светите браќа Кирил и Методиј, и подоцна, свети Климент. Го болело тоа што во борбата за народното дело, бил прогонуван од своите, кои требало да го поддржат и да го заштитат.

Самиот вели дека е очаен што охридските првенци и владиката Натанаил не му посветувале внимание на образованието, што изјавиле дека не се поставени од градот да се грижат за образованието, што го вовеле грчкиот јазик, што дозволиле епархијата да биде погрчена, што децата ги праќале во грчки училишта, а сопругите во грчката црква („и така удавихте народнија дух и сторихте Митрополијата ругание на света“) што ја наполниле епархијата со „учители послани и платени од Србија“, што еден љубимец на владиката  слави сè што е српско и буквите ђ и ħ ги воведе во училиштето, што дозволиле владиката да биде опкружен со „подлизници и ласкатели“, што ги протерале двајцата учители заслужни што целата епархија си ја запознала народноста. Еден од тие двајца бил самиот Приличев. Длабоко разочаран и навреден што дури не му го исплаќале и заработеното, Прличев извикува: „Барам ли од вас нешто повеќе од ѓунделакот, најдовте ли кај мене некој грев освен зборување вистина против победоносното зло. Даже и у дивите народи, Господа, так ли се награжда чловек, којто прозрел и слава и богатство за да служи на отечеството си, и којто за него претрпел љути гоненија от инородно духовенство“. Ги предупредува дека ќе бидат проколнати. „На вас и на чјадата Ваши да б’де клјатвата на потомците, не што гладом утепахте служителја на Музите и домородството му, н’ что разсипахте дело строено през осум години со велики трудови и жртви“.  За во тој грч најпосле да извикне: „Ако народот беше развит, то би ми в’здигнал (не се срамја да го река) монумент“. (Стојан Ристески, Григор Прличев, нови страници, Охрид 1989)

Во едно слово, Прличев вели: „Кога Господ ти викат чувај се, многу појќе ти викат да си ја чуваш таткојната. За тоа херколку да бидит чоек шоп и нечесен, пак, таткојната му е најмила на векот. Зашчо татко имаме еден, а таткојната е многу таткој. Мајка имаме една, а таткојната е многу мајки. Братја имаме пет или десет, а таткојната е неброани браќа. Еден чоек што не си а милвит таткојната појќе од татка и мајка и појќе од себеси, тој не можит да бидит чесен чоек“.

Како човек постојано преокупиран со татковината, Прличев не можел да не ја спомне и во поемата „Сердарот“. Во тажењето на мајката над мртвото тело на Кузмана, таа му порачува кога ќе се сретне со татка си „во рајот“ да му каже за што се борел и за што загинал? „Тамо ќе го видиш татка ти во ливада и, кога ќе се фрлиш да го гушниш, речи му све што стори во света борба, биејќи се за татковината“ (Од прозниот превод на „Сердарот“ од Гр. Прличев. Превод од грцки Г. Ј. Киселинов, Скопје, 1944).

За време на учителствувањето во Солун. Прличев се стекнал со голема популарност, но сепак се вратил во родниот Охрид. Царевна Миладинова Алексова, ќерката на Димитрија Миладинов, сеќавајќи се на своите солунски години, се сеќава и на Григора Прличев. „Прличев скоро стана популарен и сред солунското учителство и сред своите ученици. Но и тој не можеше долго да остане во Солун. Постојано го мачеше носталгијата по родниот охридски крај, каде што скоро отиде, и покрај советите на неговите пријатели да остане и да живее во Солун“.  

Прличев смета дека учителскиот позив е најсериозна професија, „професија по моему многу посериозна од секоја друга (само еден добар свештеник просветен од св. духа може да се спореди со учителот по полезноста на своето звание)…“ Прличев е горд и на своите успеси. „Можам да се гордеам дека скоро сите образовани личности во Охрид се мои ученици“. Како човек кој смета дека образованието е поважно од сè на светот, тој боледува што има деца кои поради сиромаштијата не можат да се школуваат. Уште повеќе што богатите не сакаат да помогнат. Затоа во „Слово против среброљубието“ тој пее: „Но ако богатите само малку мислеа на сиромашните, / тогаш сиромаштија не ќе имавме. / Ох колку одлични ученици имаме! / Но има ученици голи и гладни и боси. / Го разбирате ли тоа вие, / ви се сонува ли по некојпат како живеат тие? / Тие не само учебници, туку книга не можат да си купат. / Но и покрај сето тоа да ви кажам, / дека тие ќе бидат нашите светила, Амин! / Тие со постоењето свое ќе ја спасат државата наша / Тие со маките свои, ќе бидат гордост на родителите свои, / на црквата своја, на народот свој. Амин!“

Прличев е народен учител во вистинска смисла на зборот. Со своите слова пред учениците и родителите, со објавените текстови во највлијателниот печат во тоа време, тој ја подига свеста на народот, свеста за потреба од образование, култура „го буди самочувството на народот, ја прославува, над сè, татковината, сакајќи да го втисне тој поим во срцата на луѓето.“ (Блаже Конески)

Прличев е горд на родниот град, горд е на св. Климента кој ја донел светлината во Охрид, а потоа образовал повеќе од 3000 ученици кои ја рашириле светлината низ целиот словенски свет, се радува што солунската гимназија во иднина ќе произведе многу Кириловци и Методиевци, „што ќе бидат светила на нашите училишта, ќе бидат благолепие на нашите цркви, ќе бидат столпници на верата и ќе го прославуваат македонското име“, горд е на своите ученици, но страда што неговите сограѓани, охридските првенци, го запустиле образованието токму во негово време, кога тој можел многу да помогне.

Прличев починал на 6 февруари 1893 година, во годината кога е формирана македонската револуционерна организација (ВМРО). Но со својата општествена и ангажирана дејност во смисла на разбудување на слободарските стремежи, Прличев е претеча на илинденците. Во многу нешта тој треба да биде наш пример. Во односот кон верата, кон образованието и воспитанието, но најповеќе во посветеноста кон татковината.

(авторот е универзитетски професор и проучувач на македонскиот фолклор)

 

ИЗДВОЕНИ