Пешачка зона и велосипедска патека во центарот на Велес

389

Центарот на Велес доби нов лик. Во централното подрачје на градот прв пат се обезбедени пешачка зона и велосипедска патека. Со проектот, централното градско подрачје доби одводна подземна мрежа за атмосферската вода, доби нов кружен тек кај Сарамале, преуредување на постојниот кружен тек кај Споменикот на коњаникот и проширување на троторите на улицата „8 Септември“, меѓу двата кружни тека.

Како што нагласи проектната менаџерка Марија Алчева, значајни се и набавката и инсталацијата на смарт опрема, која вклучува четири паметни постројки, четири паметни клупи на кои има можност да се полнат електрични уреди, четири полначи за електрични возила, контејнери и набавка на десет електрични велосипеди.

– За функционирање на смарт опремата, се разви мобилна апликација што ќе се однесува за јавниот транспорт, воедно и како систем за користење на електричните велосипеди. Општина Велес е првата општина што предвидува и спроведува одржлива мобилна урбаност, според стандардите и препораките на ЕУ. Планот предвидува пакет мерки што ќе постигнат промена на одржливиот начин на транспорт, подобар живот на граѓаните, обезбедување повеќе површини за социјализација, за културни содржини на локалното население. Стратегијата за развој значи напуштање на досегашните практики и воведување нови што значат поврзаност со иновативните технологии, нови начини на функционирање. Беа адресирани проблемите: сообраќајниот хаос, недостигот од оптимизација на јавниот превоз, недоволно пешачки зони, недостигот од велосипедски патеки и големата фреквенција моторни возила во централното градско подрачје, со овој проект се започнува со нивното решавање – истакна Алчева.

Клаус Рихтер, тим-лидер на програмата „ЕУ за општините“, изрази задоволство од спроведувањето на проектот и од постигнатите резултати. Очекува во иднина сè повеќе да се работи на нови иновативни планови и решенија во делот на урбаната мобилност.

Европскиот експерт за паметна урбанизација на простори, Дарко Шишко од Хрватска, даде препораки со фокус на обезбедувањето т.н. зелена инфраструктура во урбаното планирање.

Од Општина Велес информираа дека проектот е базиран на Општинскиот план за мобилна одржливост и на Стратегијата за развој на паметен град. Вкупниот буџет за проектот е 751.470 евра, од нив 638.778 од ЕУ и 112.720 евра од Министерството за локална самоуправа.

Проектот се реализираше три години и дополнителни четири месеци, од 15 јануари 2022 година до 14 јануари 2025 година, плус четири месеци – до 15 мај годинава. Тој е продолжение на „Паметно езеро Младост“, исто така, проект финансиран од ЕУ, во висина од еден милион евра.

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ