Награди за млади винари – чувари на локална традиција и семејните вредности

7

Награди за најквалитетни вина произведени во домашни услови, добија неколкумина средношколци во Кавадарци во рамките на манифестацијата „Младо вино“, што традиционално се одбележува при крајот на секоја година во Тиквешијата, како најголем лозаровинарски регион во државата.

Директорката на средното земјоделско и шумарско училиште „Ѓорче Петров“, Ратка Росомански, каде што се одржа настанот, потсети дека станува збор за традиционален и многу значаен настан.

– Овој настан е повеќе од училишна манифестација – тој е празник на нашата локална традиција, на семејните вредности и на трудот што го негуваме со генерации. Годинава, учениците донесоа примероци од домашно произведени семејни вина, создадени во нивните семејства, што ја чуваат и ја пренесуваат лозарската традиција од колено на колено – истакна Росомански.

Таа нагласи дека наградените вина се произведени во домашни услови, а учениците во нив ги вградуваат семејната традиција што од дамнина се негува во овој крај и знаењата стекнати низ теоретската и практичната настава во училиштето.

– Со гордост ја претставуваме и училишната линија на вино, изработена во нашата училишна винарија, од грозје од лозовите плантажи на училиштето. Со голема посветеност, под раководство на професорите, учениците учествуваа во секој чекор на изработката од бербата, преку технологијата на преработка, до финалното претставување. Овие примероци се изложени тука пред вас, како доказ за тоа какви практични знаења и вештини стекнуваат нашите ученици. Тоа е нашата заедничка гордост – нагласи директорката. 

Притоа, информира дека сите вина и семејните и училишните, се оценети од еминентни енолози, од Здружението на енолози на Македонија.

– Се наградуваат најуспешните примероци, но, се слави и трудот на сите ученици, нивните семејства и професорите рече Росомански. 

Таа потсети дека целта на ваквите настани, меѓу другото, е, да се нагласат вештините на учениците, благодарение на кои, подоцна во животот, ќе можат да отворат свои семејни бизниси.

– Впрочем, тоа е и мотото на училиштето. Денеска ученик, утре стручњак. А, голем број од нашите ученици подоцна се докажани кадри во своите професии, како истакнати стручњаци, но и како сопственици на семејни бизниси – посочи директорката. 

Во ова училиште, освен земјоделски и шумарски насоки, од пред неколку години има и фармацевтска струка, спортска академија, а од годинава и медицинска струка.

Во овој период од годината, во Тиквешко како најголем лозаривинарски регион во државата, се организираат бројни настани посветени на младото вино. Притоа, во ова време од годината се оценуваат младите вина, за да се види нивниот потенцијал, какви ќе бидат кога ќе созреат.

ИЗДВОЕНИ