Македонската филхармонија, на 27 ноември, со почеток во 20 часот, ќе го одржи својот роденденски концерт насловен „Звук што трае“, со кој ќе одбележи 81 година од формирањето. На програмата се суитата бр. 2 од балетот „Лабин и Дојрана“ од Трајко Прокопиев, Концерт за виолина и оркестар во де-мол од Арам Хачатуријан и Симфонијата бр.1 од Јоханес Брамс. Како солист ќе настапи Сергеј Хачатријан од Ерменија, еден од водечките виолинисти на денешната музичка сцена, а диригент е Јерухам Шаровски.
Сергеј Хачатријан се смета за еден од водечките виолинисти денес, со посебен пристап кон музиката – автентичен, страстен, филозофски. Само во минатата сезона неговото меѓународно присуство е мошне богато, а зад себе брои настапи ширум светот. Неодамна одржа концерти со Дрезденската филхармонија, Националниот симфониски оркестар на Кореја, Оркестарот на Улстер, Националниот оркестар на Белгија, Симфонискиот оркестар на Квинсленд, Филхармонијата во Окланд… како и две големи турнеи: шпанска турнеја со Баскискиот национален оркестар, под диригентство на Станислав Кохановски и северноамериканска турнеја со Ерменската национална филхармонија, со настапи во Торонто, Монтреал и „Карнеги хол“ во Њујорк. Меѓу неговите најзначајни настапи од претходните сезони се вбројува и оној со Оркестарот на Валенсија, како резидентен уметник, која вклучуваше неколку концерти под диригентство на маестро Александар Либрајх, како и камерен проект во Бозар во Брисел, кој опфати два рецитала и концерт со Националниот оркестар на Белгија и на Хуго Волф. Повторни покани, Хачатријан доби од Финскиот радиосимфониски оркестар, Оркестарот на Академијата Санта Чечилија, Ротердамската и Кралската фламанска филхармонија, како и Кливлендскиот оркестар. Настапи и на турнеја низ САД и Европа со Алиса Вајлиерстин на виолончело и Инон Барнатан на пијано со програмата „Transfigured Nights“, посветена на музиката на Бетовен, Шенберг и Шостакович. Други негови понови проекти вклучуваат турнеја низ Јапонија со Фондацијата „Нипон“. Инаку, во сезоната 2014/15 Сергеј го изведе Виолинскиот концерт на Бетовен на Луцернскиот фестивал со Виенската филхармонија и маестро Густаво Дудамел, како добитник на наградата „Credit Suisse Young Artist Award“ (за млад уметник). Роден во Ереван, Ерменија, Сергеј Хачатријан во 2000 година ја освои Првата награда на VIII Меѓународен натпревар „Јан Сибелиус“ во Хелсинки, станувајќи најмладиот добитник во историјата на натпреварот. Во 2005 година ја освои Првата награда на натпреварот „Кралица Елизабета“ во Брисел.












