Деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски, е нов претендент во трката за скопски градоначалник на претстојните есенски локални избори. Ова вчера го објави граѓанската платформа „Независни заедно“, која претходно најави дека ќе има и независен кандидат за градоначалник на скопската општина Центар, Билјана Ивановска. Во најавата за кандидатурата на Марковски се нагласува дека тој е истакнат интелектуалец и борец за безбедно и убаво Скопје.
– Заедно да му дадеме шанса на градот, шанса да го водат стручни лица со храбро лидерство и визија за поубав град по мерка на човекот. Ова е дел на поширока граѓанска иницијатива што ќе ја врати довербата во институциите и ќе покаже дека е можна промена доколку заедницата стои обединета и граѓанинот е на прво место во политика – соопштија од платформата која ги обединува граѓанските организации „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“.
Марковски денеска беше недостапен за изјава за мотивите за неговата кандидатура и влез во политички води. За денес изутрина во Скопје е најавена прес-конференција на платформата „Независни заедно“ на која ќе се обрати Марковски. Во јавноста тој е познат по своите истапи и критики за она што се случува во македонската метропола, посебно во областа на урбанизмот, прекумерната бетонизација на Скопје, квалитетот на градбите, сообраќајот и други инфраструктурни проблеми.
Заедно со Марковски, бројот на кандидати за градоначалник на Скопје сега се искачи на седум. Вчера своја кандидатура најави универзитетски професор Александар Рашковиќ како независен кандидат поддржан од партијата ТМРО. Претходно, свои кандидатури потврдија или најавија Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, Каја Шукова од СДСМ, Скендер Реџепи како претставник на коалицијата предводена од ДУИ, Башким Бакиу од Вреди и Амар Мециновиќ од Левица. Напоредно со зголемување на бројот на кандидати во јавноста се повеќе се слушаат ветувањата за проекти со кои објавените кандидати веќе интензивно ветуваат проекти и промени кои планираат да ги направат во Скопје. Кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски завчера имаше средба со Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, оствари средба со претседателот на Асоцијацијата на авто-такси превозници од Скопје, Абдула Рушити, како и со други претставници на асоцијацијата. Меѓу клучните барања на таксистите се уредени, со трговски имиња и унифицирани такси-стојалишта, справување со дивите таксисти и создавање фер услови за работа.
– По победата на локалните избори, такси-возачите ќе имаат партнер во решавањето на овие прашања, со цел Скопје да стане град каде секој граѓанин и возач се чувствува ценето, безбедно и рамноправно – изјави Ѓорѓиевски по средбата.
Кандидатката на СДСМ и на нејзините коалициски партнери Каја Шукова, пак, вчера најави големи промени во централното градско подрачје.
– Централното градско подрачје, нашиот „Мал ринг“, денес е задушен од преголем сообраќај, пренатрупаност и недостиг од соодветна инфраструктура за пешаците и велосипедистите. Мојата визија за „Мал ринг“ е суштинска промена на центарот на градот: затворање на сообраќајот и отворање за пешаците и велосипедистите, јавен превоз и специјални возила единствено ќе можат да сообраќаат кај Рекорд, оживување на јавниот простор со нова урбана опрема, содржини и настани за сите генерации. Центарот на Скопје ќе го врати сјајот што ѝ доликува на една метропола – потенцира таа.
Фаворитот на Левица Амар Мециновиќ во својата објава на социјални мрежи ја критикуваше нехуманата урбанизација која што му се случила на Скопје.
– Скопјани, кои го изградија градот, не можат да обезбедат домови во него, поради лудите цени од нехуманата урбанизација! Не можат да се движат низ Скопје, поради недостаток на јавен превоз – не можат никаде да се социјализираат без да мораат нешто и некому да платат, во недостаток на јавни површини и чист простор. Затоа – ајмо! Скопје со целосен фокус на јавниот превоз – да станеме град во кој автомобилите не се потребни! Генерален урбанистички план направен за нас, а не за нив и нивните фирми. Чистиот воздух е побитен од профитот на индустријалците! – нагласи Мециновиќ.
Независниот кандидат поддржан од ТМРО универзитетски професор Александар Рашковиќ завчера ни изјави дека својата мисија ја гледа во тоа Градот Скопје да биде „град кој ќе им припаѓа на граѓаните, а не да биде заложник на односите меѓу градоначалникот и Советот“.
– Прв и најважен приоритет ќе ми биде јавната хигиена во градот кој мора да се исчисти темелно. Потоа, изградба на трамвајска линија по течението на Вардар, воведување на тролејбус и друго – рече тој. (Б.Ѓ.)