Печените костени со путер, мед и цимет се совршено уживање за постудените денови. Лесно се подготвуваат во рерна, а слаткоста на медот и ароматичната жалфија им даваат уникатен вкус.
Послужете ги топли, прелиени со уште малку мирисен путер непосредно пред сервирањето.
Печените костени со путер и мед можат да послужат како предјадење, вкусна закуска за дружења или како сладок и ароматичен прилог кон печено месо, пренесува Punkufer.hr.
Печени костени со путер и мед
Состојки:
18 костени
100 г несолен путер
1 лажица и 1 лажичка мед
Мала рака свежа жалфија, искината на парчиња, плус уште малку за декорација
Прстофат мелен цимет
Половина лажичка сол
Крупна морска сол за послужување
Подготовка:
Загрејте ја рерната на 200°C. Ставете ги костените на даска за сечење, со рамната страна надолу. Со остар нож, внимателно засечете ја лушпата на секој костен во форма на крст. Обидете се да ја пресечете само лушпата, без да навлезете премногу длабоко во самиот костен.
Ставете ги засечените костени во голем сад и прелијте ги со зовриена вода. Покријте ги и оставете ги да отстојат околу три минути.
Додека костените стојат во водата, ставете ги путерот, медот, искинатата жалфија и циметот во мало тенџере. Додадете половина лажичка сол. Загревајте на умерена температура додека путерот целосно не се растопи, повремено мешајќи за да се соединат сите состојки.
Добро исцедете ги костените и исушете ги со хартиена крпа. Ставете ги во сад, прелијте ги со подготвената мешавина од путер (со мед и жалфија) и добро измешајте за секој костен да биде обложен со ароматичната смеса.
Обложете голем плех за печење со поголемо парче алуминиумска фолија. Наредете ги костените – заедно со путерот – во еден слој во средината.
Подигнете ги рабовите на фолијата и соберете ги околу костените за да направите еден вид „кеса“, но оставете отвор на врвот за да може пареата да излегува. Ставете го плехот во претходно загреана рерна и печете 30 до 35 минути, или додека лушпите на костените не почнат да се виткаат, а костените не омекнат и целосно се испечат.
Извадете ги од рерната, затворете го отворот на фолијата и оставете ги костените да отстојат уште пет минути.
Префрлете ги на чинија за послужување, притоа соберете го и преостанатиот ароматичен путер од фолијата. Декорирајте со листови жалфија и посипете со крупна морска сол.
Послужете ги додека се уште топли. Пријатно!












