Оркестарот на Македонска филхармонија на 5 февруари, со почеток во 20:00 часот, ќе одржи концерт насловен „Ѕвездено арпежо“ на кој како солистка ќе настапи Анлин Ленартс, водечка харфистка од Белгија, која во моментов работи во оркестарот на престижната Виенска филхармонија. Диригент ќе биде маестро Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се „Горе и долу – три слики од Книга на промени“ од македонскиот композитор Владимир Николов, концертот за харфа и оркестар „Аранхуез“ од Хоакин Родриго и Симфонијата бр.5 од Лудвиг ван Бетовен.
Белгиската харфистка Анлин Ленартс е една од водечките солистки на својот инструмент. Во декември 2010 година била именувана за прва харфа на Виенската филхармонија. Како солистка настапувала со бројни реномирани оркестри, меѓу кои Симфонискиот оркестар на Баварското радио, оркестарот „Моцартеум“, Брукнеровиот оркестар од Линц, Бриселската филхармонија и Националниот оркестар на Белгија. Своето солистичко деби го имала во престижни сали како „Вигмор“ во Лондон, „Карнеги хол“ во Њујорк, Берлинската филхармонија… како и на престижни фестивали. Анлин има освоено 23 награди на меѓународни натпревари за харфа, меѓу кои првата награда на „Grand Prix International Lily Laskine“ (2005) и наградата на публиката на „ARD International Music Competition“ во Минхен. Таа има снимено повеќе албуми за „Ворнер класик“, вклучувајќи и издание со дела од Нино Рота, кое ја доби наградата „Oпус класик“ во 2019 година. Таа година ја доби и наградата „Почести на фламанската заедница“ од Владата на Фландрија. Ленартс студирала во Брисел и во Париз и со највисоки оценки се здобила со магистерската диплома по харфа. Денес таа предава на Универзитетот во Мастрихт и е член на наставниот кадар на фестивалот „Аспен мјузик“ (САД).












