„Ѕвегорска сурова 2026“ го одржува вековниот обичај на сурваскарите, маски и ритуали за благослов на домовите и на семејствата. Манифестацијата ги собира жителите и посетителите од целиот регион, кои учествуваат во автентичната народна традиција, со цел да го истераат злото и да повикаат здравје, среќа и бериќет во новата година. Главната маска – невестата останува покриена до крајот на обредот, симболизирајќи заштита, таинственост и успешна година за сите

Селото Ѕвегор во Општина Делчево и годинава ќе биде домаќин на една од најстарите и најавтентични традиционални манифестации во источна Македонија – „Ѕвегорска сурова 2026“. Настанот се одржува на денот на Старата нова година и е вековен обичај што се пренесува од колено на колено, со цел симболично истерување на злото и повикување здравје, среќа и бериќет во новата година.
Според кумовите на обичајот, манифестацијата привлекува голем број посетители од целиот регион и пошироко, кои имаат можност да ја доживеат автентичната народна традиција одблизу. Утринската поворка со учесниците започнува пред изгрејсонце, кога тргнува група од околу 60 лица облечени во рачно изработени маски и костими низ селото, придружувана од звуците на тапаните и на зурлите. Го посетуваат секое домаќинство, изведувајќи ритуали со кои се благословува секое семејство за успешна и родна година.
Главна маска на манифестацијата е невестата, чие лице останува целосно покриено до крајот на обредот. Учесниците носат различни реквизити со симболично значење: дрвен меч, бастун, пендреци, ѕвонци и кандило. Во секој дом се извикува „Три-четири: Сурвааа“, им се дава благослов на газдата и на семејството, а учесниците се послужуваат со традиционалните јадења од домаќините.
По обиколката на селото, групата се собира на мегдан, каде што се открива лицето на невестата, а присутните се дел од масовната колона, која понекогаш брои над 3.000 луѓе. Таа е проследена со музика од зурли и од тапани, а обидите за откривање на невестата го симболизираат истерувањето на лошите духови и минатогодишната негативност.
На крајот, обредот завршува со вода од селската чешма и со масовна свечена вечера, веселба, која трае до раните утрински часови. Кумот и старешината, кои се менуваат секоја година, ја организираат целата манифестација и сите учесници се вклучени во подготовките.
„Ѕвегорска сурова“ не е само ритуал туку и жив доказ зна зачувувањето на македонската културна автентичност, симбол на заедништвото и на духовната обнова на сите учесници и посетители.












