Фолк-ѕвездата Зуица Лазова, среде жешкото лето, многу е активна на естрадната сцена. Не седи и не одмора, туку работи со полна пареа. Неодамна, под професионално водство на Николче Мицевски (во рамките на патриотскиот проект „Македонијо, во срце те носиме), ја сними песната „Ја сум Македонка“.

– Toa ми е омилената песна од младите денови, а сега во моја изведба. Благодарам до фамилијата на авторот на музиката и на текстот, Тодор Јованов, што дозволи да ја препеам оваа убавина, како и на Славка Младеновска, која прва ја испеа и со која ја засакав. Благодарност и до целата екипа на продукцијата „Скендеровски“, како и до маестро Николче Мицевски што аранжмански ја „облече“ во прекрасно, модерно руво – порача распеаната Зуица, која воедно, со оваа патриотска песна, на сите што си ја сакаат Македонија, без разлика на верата и нацијата, им го честита големиот празник Илинден.

„Дали сум Егејка, Пиринка, Вардарка, јас сум, јас сум, Македонка…“ пее емотивно Зуица и предизвикува солзи радосници во очите. Така што оваа патриотска химна на женската македонска гордост прави уште повеќе да ја сакаме Македонија во овие времиња, кога некои од странците ни го оспоруваат идентитетот. Песната е првпат испеана на едно од изданијата на „Фолк-фест Валандово“ и стана хит. Беше маестрално испеана од Славка Младеновска, која потоа се повлече од естрадата. Сега ја пее Зуица, со милозвучен глас, глас што гордо, македонски го полни срцето на секој вистински патриот. (Д. М.)

 

 

ИЗДВОЕНИ