Зошто се високи цените на храната во Источна Европа?

31

Хрватската европратеничка Билјана Борзан иницираше расправа во Комисијата за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите при Европскиот парламент, со фокус на рекордно високите цени на храната во Источна Европа, јави ХИНА.

– Според последниот евробарометар, мнозинството граѓани на ЕУ ги сметаат инфлацијата и сиромаштијата за најголеми проблеми. Ова е особено изразено во источноевропските земји, каде што поскапувањето на храната е најголемо. За сегашната цена за 10 јајца во Полска, пред четири години можеле да се купат 18 јајца, а во Словачка дури 24. Цената на лебот пораснала за 170 отсто во Унгарија, за 122 отсто во Бугарија и за 65 отсто во Хрватска, во изминатите четири години. Во балтичките земји, цените на месото се зголемиле до 50 проценти, додека во западните земји зголемувањето на цените е, главно, под 20 отсто – изјави Борзан.

На расправата присуствуваа претставници од Европската комисија (ЕК), Европската централна банка (ЕЦБ) и од Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО).

Експертите од ЕЦБ и од ЕК истакнаа дека и покрај намалувањето на инфлацијата, цените на храната остануваат високи. Според истражување спроведено од Борзан, 56,4 % од хрватските граѓани купуваат помалку храна поради инфлацијата, а многумина се вртат кон производите со послаб квалитет.

– Мора јасно да ги идентификуваме и санкционираме оние што им ја дерат кожата на луѓето од алчност. Во текот  на расправата, многумина ги обвинија големите мултинационални прехранбени корпорации, од кои само 11 контролираат поголем дел од пазарот. Во Источна Европа, и покрај значително понискиот животен стандард, цените се исти или дури повисоки отколку на Запад – додаде Борзан.

Се очекува следната година нов европски закон насочен кон намалување на територијалните ограничувања на пазарот, кои, според процените, ги чинат потрошувачите во ЕУ 19 милијарди евра годишно. Преку овие ограничувања, мултинационалните компании ги принудуваат дистрибутерите да набавуваат производи само од одредени региони и од производители што ги избираат тие, лишувајќи ги набавувачите од можноста да избираат или да се снабдуваат со стоки по поповолни цени. На крајот, потрошувачите ја плаќаат највисоката цена, забележува ХИНА.

ИЗДВОЕНИ