Трагедија! Си го одзеде животот додека спиев во собата до неговата. На млади години, само на 26. Тој не ме ни повика, можеби, да му помогнам. Беше ноќ, бев во длабок сон, преморена од настапите. Ништо не слушнав. Кога се разбудив изутрината, брат ми повеќе не беше жив, не дишеше. Таквата загуба во целост ми го смени животот – вели тажната Наташа
Наташа Михајловиќ од новосадската женска поп-група „Фрајле“, која и кај нас, во Македонија, има огромна популарност, се соочи со голема семејна трагедија. Кај неа и во нејзиното семејство – тага, солзи, болка, депресија, молк.
– Брат ми си го одзеде животот додека спиев во собата до неговата. На млади години, само на 26. Не ме ни повика, можеби, да му помогнам. Беше ноќ, бев во длабок сон, преморена од настапите. Ништо не слушнав. Кога се разбудив изутрината, брат ми повеќе не беше жив, не дишеше. Таквата загуба во целост ми го смени животот. И не само мене туку и на моето семејство, на моите пријатели, на моите роднини, апсолутно на сите. Сега, кога не настапувам, честопати ме гледаат замислена и тажна. Само музиката ми дава сила да истраам, како некоја добро позната музикотерапија. Има многу вистина во тоа дека песната е лек.
Буквално, дента пред да си го одземе животот, брат ми, Рале, многу се шегуваше со моите другарки. Ни во најлошиот сон не можев да замислам дека ќе дигне рака на себе. Сето тоа кажува дека честопати не знаеме ни за најблиските колку мрак имаат во своите души, од голем број причини. Колку има тиња, колку има отров, а тие го кријат тоа, не сакајќи да нè оптоваруваат, ниту да нè повредат – вели тажната Наташа. По самоубиството на својот сакан помлад брат, Наташа испрати моќна, емотивна порака до сите, и тоа преку стиховите во песната „Пробуди ме, зови ме“. Потенцира дека идејата за овие стихови, кои се посветени исклучиво на брат ѝ, е да им се помогне и на другите доколку се во некоја слична тешка психолошка, ментална состојба.
– Да го чуваме, пред сè, нашето ментално здравје, поважно е од физичкото. За менталното не постојат апчиња, постои само огромно разбирање од најблиските. Постои постојана смирена комуникација со оној на кој му е потребно тоа и постои дружба, одење во природа, на летување, зимување, на забави со оној што го сакате. Нема подобра терапија од тоа. Да знаете дека самотијата убива тивко, таа му е најголем непријател на човекот. Можеби, мојот брат беше сам, а ние, не знам како, не го забележавме тоа – открива убавата Ната од групата „Фрајле“. Да кажеме дека оваа новосадска музичка тројка за есенва во октомври има закажано голем концерт во Македонската филхармонија во Скопје. Каде и да е, брзо ќе дојде октомври. Овие три интересни девојки музичарки, Наташа, Јелена и Невена, минатата година, во Филхармонијата, најпрво одржаа еден концерт, а веднаш потоа уште еден поради огромниот интерес на скопската публика, која ги обожава Ната, Јела и Нена. (Д. М.) фото: архива