Недолго откако американскиот претседател, Доналд Трамп, обелодени дека планира повторно отворање на озогласениот затвор „Алкатраз“, Франција најавува дека ќе гради затвор со екстремно строг режим во Амазонската прашума во Француска Гвајана.
Според најавата, во затворот, кој треба да биде готов до 2028 година и ќе чини 400 милиони евра, ќе има 500 места, од кои 60 ќе бидат резервирани за „најопасните трговци со дрога“, а ќе има и посебно одделение за радикалните исламисти.
Францускиот министер за правда, Жералд Дерманен, рече дека затворот треба да ги „неутрализира“ најопасните нарко-босови со спроведување построги правила за посети и за комуникација со надворешниот свет. Тој додаде дека институцијата ќе служи и за затворање на локалните криминалци, истакнувајќи дека во Француска Гвајана, како и во Гвадалупе и во Мартиник, две француски прекуокеански територии во Карипското Море, дејствуваат дури „49 нарко-банди, кои се сметаат за исклучително опасни“.
Оваа најава предизвика жестоки реакции во Француска Гвајана. Дави Римане, пратеник од левицата, рече дека Француска Гвајана не е канта за ѓубре на Франција.
Од 1852 до раните 1950-ти години, во Француска Гвајана се наоѓаше озогласената казнена колонија, која стана позната во светот по филмот „Пеперутка“ со Стив Меквин и Дастин Хофман, снимен по истоимената книга. Во тој период, во Француска Гвајана и во другите француски колонии имало над 70.000 осуденици. Повеќе од седум децении по тој мрачен период, најавата за отворање нов затвор разбуди болни сеќавања кај жителите на Француска Гвајана.
Париз ја смета Француска Гвајана за клучен центар за трговијата со дрога, поради близината до Колумбија и до Перу, земји познати по производството на кокаин. Според проценките на француската Влада и медиумските извештаи, околу 20 проценти од кокаинот што се консумира во континентална Франција доаѓа од Француска Гвајана.
Затворот, кој се планира, би бил сместен во изолиран дел од Амазонската Дождовна Шума, на неколку километри од градот Сен Лоран де Марони, на северозападот од Француска Гвајана. Сен Лоран де Марони е познат како место од каде што биле носени осудениците во озлогласениот затвор на Ѓаволскиот Остров, каде што се одвива дејството на „Пеперутка“, а бил познат по суровоста и големата стапка на смртност.
Марион Вание, експерт за криминологија на Универзитетот во Манчестер во Обединетото Кралство, верува дека новиот проект претставува форма на затворска бруталност, поради екстремната оддалеченост на затворот.