Зошто Никушор Дан е важен за Романија? Човекот кој зборува тивко, но дејствува конкретно

207
ЕPA-EFE/BOGDAN CRISTEL

Никушор Дан е математичар, граѓански активист и политичар кој вчера беше избран за претседател на Романија – и тоа не како типичен политичар, туку како симбол на промени. Неговиот подем покажува колку е длабоко незадоволството на граѓаните од традиционалните политички елити во земјата.

Роден во 1969 година, Дан се истакнал академски – дипломирал математика во Букурешт, а потоа докторирал на престижниот Универзитет Сорбона во Франција. Наместо кариера во странство, тој одлучи да се врати дома и да се бори за јавниот интерес. Тој се здоби со слава во раните 2000-ти како активист за зачувување на културното наследство и легалниот урбан развој во Букурешт. Тој беше основач на невладината организација „Спаси го Букурешт“, а подоцна и на политичката партија УСР (Сојуз за спасение на Романија), која беше создадена како одговор на корупцијата и недостатокот на транспарентност.

Како актуелен и градоначалник на Букурешт од 2020 до 2024 година, Никушор Дан стана познат по својот рационален, речиси технички пристап кон решавањето проблеми – фокусирајќи се на инфраструктурата, јавниот превоз, енергетската ефикасност и борбата против бирократијата. Некои го нарекуваа „антиполитичар“ затоа што немаше харизма на класичните лидери, но градеше доверба преку доследност и работа.

Неговиот избор за претседател на Романија ја одразува желбата на голем дел од општеството за транспарентност, легалност и модернизација на институциите. Во време кога многу земји се соочуваат со популизам и политички манипулации, Романците му дадоа шанса на човек кој зборува тивко, но дејствува конкретно.

Улогата на претседателот во Романија е првенствено симболична и координативна – но Никушор Дан може, како доверлива личност, да постави нов тон за политички дијалог, да повика на реформи и да ја претставува Романија како стабилен партнер во Европа. За многумина, неговиот избор претставува надеж дека Романија може да стане земја каде што компетентноста и чесноста вредат повеќе од популистичките ветувања и празната реторика, пишува Бука.

ИЗДВОЕНИ