За неколку дена почнува последниот гренд слем турнир сезонава – САД Опен, а главни фаворити за титулата се Италијанецот Јаник Синер, Шпанецот Карлос Алкараз, Србинот Новак Ѓоковиќ и Германецот Александар Зверев. Иако е еден од најдобрите играчи на тврда подлога досега, српскиот ас успеа да освои само четири трофеи во Њујорк. По доминацијата на Роже Федерер во периодот од 2003 до 2008 година, ниту еден играч не успеа да „врзе“ барем две титули. Патрик Муратоглу се обиде да објасни зошто е толку тешко да се освои Отвореното првенство на САД.
Поранешниот тренер на Серена Вилијамс и на многу познати имиња, а сега тениски аналитичар, вели дека целата атмосфера во Њујорк е специфична и дека многу ситни работи може да го одвлечат вниманието на играчите.
– Кога играте на Отвореното првенство на САД, вашиот натпревар е само дел од вашиот ден. Другиот дел е преживување на логистиката на Њујорк – напиша Муратоглу.
Тој тврди дека организацијата може да биде голем проблем во град како Њујорк.
– Растојанието од Менхетен до стадионот е големо, а сообраќајот е непредвидлив. Мора да планирате сè околу тоа: кога да започнете, како да избегнете заглавување, дури и како да закрепнете меѓу натпреварите. Додајте го на тоа и одвлекувањето на вниманието што го нуди градот: ресторани од светска класа, забави, ноќен живот… Њујорк нуди илјада искушенија, а останувањето 100 % фокусиран е предизвик за некои играчи – вели Муратоглу.
Трите најголеми турнири се играат практично во текот на три месеци, и тоа е најважниот дел од сезоната. Со неуморен распоред и со мастерс турнири што траат сè подолго и подолго, играчите пристигнуваат на Отвореното првенство на САД целосно исцрпени.
– Тоа е последниот гренд слем во годината, кој доаѓа по интензивен период во кој играчите веќе играле на Ролан Гарос и на Вимблдон, понекогаш со Олимписки игри помеѓу нив. До септември, многумина се целосно исцрпени. Го видов тоа со Карлос Алкараз минатата година: играше и ги освои Ролан Гарос и Вимблдон, а потоа и финалето на Олимписките игри, но додека да почне турнирот во САД, тој беше физички „мртов“.
Муратоглу додава дека жештината во Њујорк може да биде уште понеподнослива отколку во Австралија.
– Дневните натпревари се пожешки, поветровити и побрзи. Ноќе ветерот обично се намалува, влажноста се зголемува и топката има различна траекторија. Тоа е речиси како да играте на два различни турнира, а брзата адаптација е клучна за преживување на ждрепката. Најдобрите играчи во светот ќе мора да ги надминат сите овие предизвици за да ја освојат титулата на Отвореното првенство на САД, каде што победуваат само најсилните – заклучи Французинот.