Сонцето и топлото време нè поттикнуваат да бидеме поактивни: шетање, пливање, возење велосипед или, едноставно, повеќе време надвор…
Марија СОКОЛОСКА
Природен пад на апетитот – На високи температури, организмот природно бара полесна и свежа храна. Помалата желба за тешки јадења го олеснува внесувањето помалку калории.
Повеќе движење – Сонцето и топлото време нè поттикнуваат да бидеме поактивни: шетање, пливање, возење велосипед или едноставно повеќе време надвор.
Хидратација – Поради потењето, пиеме повеќе вода, што придонесува за подобро варење, чувство на ситост и за елиминација на токсините.
Психолошки мотив – Летната гардероба открива повеќе од нашето тело. За многумина, тоа е дополнителна мотивација да работат на себе и да се чувствуваат подобро во својата кожа.
Најдобри продукти за летно слабеење
Летото е благослов кога станува збор за достапноста на здрава, свежа храна. Еве кои продукти се одлични за слабеење во овој период.
Зеленчук богат со вода
Краставиците, тиквичките, доматите, зелената салата, спанаќот имаат голема содржина на вода и на влакна, кои ги подобруваат ситоста и варењето, а се со исклучително мал број калории.
Сезонско овошје
Лубениците, дињите, јагодите, малините, боровинките, праските се богати со витамини и со антиоксиданти, освежуваат и даваат природна сладост без преголем калориски товар. Лубениците и дињите се одлични за хидратација, но треба да се јадат умерено, поради содржината на шеќери.
Посни извори на протеини
Пилешко бело месо, риба (особено скара), јајца, тофу, леќа и наут – протеините се клучни за зачувување на мускулната маса при слабеење, а истовремено даваат и чувство на ситост.
Здрави масти
Авокадо, маслиново масло, јаткасти плодови (бадеми, ореви) – мастите се важни за хормоналниот баланс и за метаболизмот. Авокадото, на пример, може да се додаде во салата или да се користи за мачкање на леб.
Жито со низок гликемиски индекс
Овесот, киноата, хељдата обезбедуваат долготрајна енергија и не предизвикуваат нагло зголемување на шеќерот во крвта. Одлични се за појадок, во комбинација со овошје или чиа семе.
Додатоци што може да помогнат (со претходна консултација со стручно лице)
Додатоците не треба да бидат замена за храната, туку поддршка во исхраната.
Протеинските шејкови се особено корисни по тренинг или кога немаме време за оброк.
Магнезиумот и калиумот помагаат при мускулни грчеви и се важни за хидратацијата, особено ако се потиме многу.
Витаминот Д, иако има повеќе сонце, не секогаш го добиваме доволно преку кожата.
Зелениот чај и неговиот екстракт се природен „термогеник“, кој го поттикнува метаболизмот и ја зголемува потрошувачката на калории.
Омега-3 масните киселини помагаат за контролирање на апетитот, ја подобруваат работата на срцето и го поддржуваат метаболизмот.
Што да избегнуваме летно време?
Дури и кога сме мотивирани и внимаваме на исхраната, лесно можеме да направиме грешки со одредени летни задоволства.
Газирани и засладени пијалаци
Колку и да се освежителни, овие пијалаци се полни со празни калории и со шеќери и водат кон зголемување на телесната тежина и кон дехидрација.
Индустриски сладоледи
Полнети со шеќери, заситени масти и со адитиви. Подобра алтернатива е домашниот сладолед од замрзнато овошје и грчки јогурт.
Преработена и тешка храна
Честа грешка е јадењето сувомесни производи, пржена храна, премногу солени грицки. Овие продукти ја задржуваат водата и го забавуваат метаболизмот.
Алкохол
Освен што додава непотребни калории, алкохолот го нарушува и спиењето, ја намалува енергијата и често поттикнува кон јадење нездрава храна.
Совет: слабеењето во лето не мора да биде диета, туку природен процес на подобрување на навиките. Избери ја природата, јади лесна храна, движи се, пиј вода и одморај се квалитетно. Овој период е твоја шанса за нов почеток, не само за телото туку и за умот.