Снукерот е еден од ретките спортови во кои публиката не смее да прави бучава за време на натпреварите. Затоа играта за зелена чоја е речиси единствена.

Во атлетиката, пливањето или тенисот пред сервирањето, правило е публиката да биде тивка, но никаде тишината не се сфаќа толку сериозно како онаа на снукер натпреварите. Ова е случај секогаш кога се играат најголемите турнири во снукер, особено на „Крусибл“ во Шефилд. Таму е во тек најпрестижниот турнир во светот на снукерот – Светското првенство.

  • Речиси и не се осмелувате длабоко да дишете од страв да не го одвлечете вниманието на натпреварувачите. Моќта на снукерот е во атмосферата. Ние го нарекуваме „клаустрофобична интимност“. Кога ќе се приближите толку блиску што можете да го достигнете играчот, тоа е многу интензивно, вели Џејми Бротон, новинар на „Би-Би-Си“.

Интересно е што официјалните правила не споменуваат каков шум треба да прави публиката, но непишаниот „бонтон на снукер“ налага да се одржува тишина додека ударот не биде комплетиран. Само тогаш е дозволен аплауз.

Треба да се напомене дека организаторите на турнирот го задржуваат правото да ги отстранат гледачите кои го нарушуваат натпреварот со своето однесување.

  • Технички гледано, снукерот е најтешкиот спорт на светот. Тоа е игра со огромна прецизност. Ако луѓето дофрлаат, тешко е да се задржи фокусот, изјави за Би-Би-Си Јан МекКалох, познат снукер играч.

Интересно е да се спореди снукерот со пикадо, уште една игра популарна во Велика Британија. За разлика од снукерот, пикадото се игра во т.н. „пабска средина“, каде што луѓето навиваат, викаат, пијат…

Единствениот турнир каде што на публиката ѝ е дозволено да прави бучава за време на ударите е таканаречениот „Снукер Шут Аут“, кој се одржува еднаш годишно во Лестер. Се игра еден фрејм од максимум 10 минути, а играчите имаат и часовник кој им го одбројува времето од удар до удар.

ИЗДВОЕНИ