Изборот на лауреатот го прават петмина претставници на Нобеловиот комитет, а повеќето од нив се против тоа наградата да му се додели на Трамп. Но, и онака, неговите шанси да ја освои Нобеловата награда за мир оваа година се мали од друга причина, истакнува новинарот на Би-би-си. Тој објаснува дека рокот за номинации за годинашниот добитник на Нобеловата награда за мир бил во јануари, кога Трамп тукушто го почна претседателскиот мандат. Тоа значи дека сите номинации тој да биде добитник на Нобеловата награда за мир би можеле да бидат земени предвид во октомври 2026 година
Годинашниот добитник на Нобеловата награда за мир ќе биде соопштен в петок, на 10 октомври. Годинава, за ова престижно светско признание има 338 номинации, меѓу кои и за американскиот претседател, Доналд Трамп.
Изборот на лауреатот го прават петмина претставници на Нобеловиот комитет, а повеќето од нив се против тоа наградата да му се додели на Трамп. Но, и онака, неговите шанси да ја освои Нобеловата награда за мир оваа година се мали од друга причина, истакнува новинарот на Би-би-си. Тој објаснува дека рокот за номинации за годинашниот добитник на Нобеловата награда за мир бил во јануари, кога Трамп тукушто го почна претседателскиот мандат. Тоа значи дека сите номинации тој да биде добитник на Нобеловата награда за мир би можеле да бидат земени предвид во октомври 2026 година.
– Сопрев седум војни – го повтори Трамп своето претходно тврдење од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации неодамна, откако неговата номинација за годинашната Нобелова награда за мир ја поддржаа и некои истакнати светски државници.
Многумина го оспорија ова неговото тврдење, а тимот за утврдување факти на Би-би-си објави и текст за тоа дали Трамп навистина ги запрел сите тие војни.
Неколку дена пред да се објави одлуката на Нобеловиот комитет за годинашниот добитник на наградата за мир, кандидатурата на Трамп беше поддржана од група што се залага за враќање на заложниците што ги држи Хамас во Појасот Газа, веќе две години. Од вкупно 48-мина заложници, се верува дека 20-мина сè уште се живи. Таа група соопшти дека треба да му се додели оваа награда на Трамп „поради неговиот неверојатен придонес кон глобалниот мир“. Форумот на заложници и исчезнати семејства напиша писмо до норвешкиот Нобелов комитет, во кое го наведува планот на Трамп за прекин на конфликтот во Газа, што вклучува ослободување на заложниците, за кој се водат преговори во Египет.
– Во изминатата година, ниту еден лидер или организација не придонел повеќе за мирот низ целиот свет од претседателот Трамп – се додава во писмото.
Номинација на Трамп за Нобеловата награда за мир уште на 21 јуни најави Владата на Пакистан, но до денеска не кажа дали формално го номинирала. Според најавата на Владата, би го номинирале Трамп за улогата што ја одиграл во преговорите за прекин на огнот меѓу Индија и Пакистан.
– Трамп ја заслужува наградата како признание за решителната дипломатска интервенција и клучното водство во текот на неодамнешната индиско-пакистанска криза – соопшти тогаш пакистанската Влада во соопштение на „Икс“.
Во тоа време, Индија негираше дека САД посредувале за прекин на краткотрајниот вооружен конфликт со Пакистан, во мај.
Во август, пак, идејата Трамп да ја добие Нобеловата награда за мир беше поддржана и од претседателот на Азербејџан, Илхан Алиев, и од премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан. По потпишувањето на мировниот договор во присуство на Трамп во Вашингтон, по децении тензии и вооружен конфликт околу спорната територија Нагорно-Карабах, Алиев и Пашинјан рекоа дека претседателот на САД треба да ја добие Нобеловата награда за мир.
– Претседателот Трамп направи чудо за шест месеци – рече тогаш Алиев.
Меѓу оние што сметаат дека годинава Нобеловата награда за мир треба да му припадне на Трамп се и израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, и претседателот на Габон, Брајс Олиги Нгуема. Деновиве требаше да добие уште една номинација, од Украина, но Парламентот на таа земја не ја поддржа иницијативата на група пратеници.
– Сè што можам да направам е да ги задушам војните. Не барам внимание. Само сакам да спасам животи – изјави Трамп за Си-би-ес њуз, американската подружница на Би-би-си.
Според тестаментот на Швеѓанецот Алфред Нобел, Наградата за мир се доделува на лице што направило најмногу или најдобро за мирот меѓу народите. Последниот американски претседател што ја доби Нобеловата награда за мир беше Барак Обама, во 2009 година.