Зорица Поп Панкова родена како Милисављевиќ, на 10 февруари 1956 година во Скопје, a кога влезе во брак со гордост стана Поп Панкова.
Не ги броиме годините на една од нашите најдолговечни и најпочитувани пејачки од поп-музиката, таа си ги знае. Ги знаат и ги слават со неа нејзините најблиски од семејството (сопругот, ќерките и внуците), како и пријателите, роднините, но и повеќемина новинари. Зошто да не е така?
Убавата Зока секогаш беше комуникативна и фина со медиумите. Таа е еден од најмоќните вокали во македонската поп-музика, чиј врв на популарност се случи на онаа голема југословенска естрадна сцена, кога воопшто не беше лесно да бидеш популарен и омилен пејач. Зока беше тоа, особено со настапите на речиси сите тогашни фестивали, со прекрасни песни. Само пеење и сакање со публиката. Немаше тогаш голотија. Гласот беше единственото „оружје“, со квалитетна интерпретација. Така што Зорица истраја на естрадата, но и во животот, како и во песната со која наздравува, за здравје, радост и долг живот.
Паралелно со соло кариерата, Зорица беше и дел од поп-групата „Македонија“.
Во 2012 година настапи на познатиот „Охридфест“ заедно со своите добри другарки и колешки, Данијела Панчетовиќ и Верица Ристевска. Останува засекогаш да ги пееме и другите нејзини хитови: „Љубовта е… (Од масата падна чаша)“, „Каде си“, „Дископар“, „Сребрена месечина“… како и најновата, „Поминува сè“, во која пее за својата многу сакана мајка, Љубица, која, исто така, беше во светот на музика.
– По моето раѓање и раѓањето на мојот брат близнак, Дуле, мајка ми сосема му се посвети на семејството, на своите дечиња. Ме учеше да играм валцер, танго и народни ора. Најмногу ме научи да пеам. Татко ми, Милутин, беше прва хармоника на Југославија – носталгично, роденденски се присети Зорица Поп Панкова. (Д. М.) фото: архива












