Зоолошка градина во германскиот град Нирнберг потврди дека убила 12 бабуни (павијани), наведувајќи го како причина недостатокот на простор за сместување на растечката популација. Одлуката, која дојде и покрај острите протести од активистите за права на животните, заврши една сага долга со месеци која го привлече вниманието на јавноста.
Управата на зоолошката градина Тиергартен Нирнберг објави планови за евтаназија на некои од бабуните уште во февруари 2024 година. Иако тврдат дека разгледале понуди за преместување на животните, ниту една не била изводлива. Соопштението предизвика бран критики и протести.
Во понеделник, зоолошката градина објави дека започнува подготовки за еутаназија, а вчера наутро одеднаш ги затвори вратите за посетителите од, како што рече, „оперативни причини“. Во текот на попладнето, полицијата извести дека неколку активисти провалиле во имотот.
Кратко по полициската интервенција, раководството потврди дека се усмртени 12 бабуни. Популацијата на гвинејски бабуни во оваа зоолошка градина порасна на 43 единки, значително надминувајќи го капацитетот на кафезот изграден за 25 животни и нивните младенчиња. Тие велат дека поради пренатрупаноста, конфликтите меѓу животните станале почести.
Зоолошката градина истакнува дека и претходно се обиделе да го решат проблемот. Од 2011 година, 16 бабуни се преместени во зоолошки градини во Париз и Кина, но и овие зоолошки градини оттогаш го достигнаа својот капацитет.
Здруженијата за заштита на животните најавија поднесување кривични пријави. Еутаназијата на животни во европските зоолошки градини е редовна практика, но некои случаи предизвикуваат силни реакции во јавноста. Еден од најпознатите примери се случи во 2014 година, кога зоолошката градина во Копенхаген уби здрава двегодишна жирафа, а нејзиниот труп беше распарчен пред посетителите, вклучувајќи ги и децата, и послужен како храна за лавовите.