Министерството за култура и туризам и Град Скопје да им ја исплатат платата за март, побараа денеска вработени во Зоолошката градина, кои во текот на паузата излегоа на протест пред установата. Претседателот на Синдикатот во ЗОО – Скопје, Миле Таневски, рече дека не знаат зошто не им исплатило Министерството плата, ниту каде е настанат проблемот, со оглед дека дел од другите локални институции веќе ја зеле мартовската плата.
Тие си ја бараат заслужената плата и истакнаа дека пред 45 дена ја зеле последната плата, поради што имаат прекин во здравственото осигурување.
– Овој протест не го правиме против никого, не е ни против Култура, ниту против Градот, туку да нè видат дека ние немаме земено плата за март и ги поминавме и Велигден и 1 Мај без плата. Последната ја зедовме пред 45 дена. Поради неземена плата навреме, од завчера го загубивме здравственото осигурување, а имаме колеги што се на боледување. Ги замолувам надлежните што поскоро да најдат модус да ја земеме платата за да не дојде до поголеми штрајкови. Има и судови и ќе поднесеме и претставки. Си ја бараме заслужената плата, а како и по кој основ ќе биде исплатена, дали по старо или по ново, за тоа има синдикат, има Влада и Министерство и тие ќе одлучат како да биде исплатена – изјави Таневски. За натамошните чекори што ќе ги преземат, рече, ќе се договорат во колективот.
Зоонегувателот, Мирослав Станковиќ, додаде дека не им е лесна работата.
– Надвор сме во сите временски услови и сме склони кон повреди секој ден, а сега веќе немаме ни здравствено осигурување. ЗОО – Скопје е подолго време арена за политички пресметки и препукувања меѓу сите политички чинители, на локално и на централно ниво. Нас тоа не нè интересира. Не сакаме ни протести, туку решение зашто финансиските средства ни се прикрај – истакна Станковиќ.
Вработените во ЗОО – Скопје добија поддршка од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), од каде што истакнаа дека е надминат застојот кај институциите од културата на централно ниво и дека тие веќе ја примиле платата за март. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, побара итно решение за ЗОО – Скопје или, рече, од денеска, веројатно, вратите на установата ќе бидат затворени за посетителите.
– За жал, дел од институциите што се на локално ниво, од засега непознати причини, сè уште немаат земено плата. Апсолутно е ирелевантно која е причината, многу е важна фактичката состојба. Вработените овде испоснички ги поминаа и Велигден и 1 Мај и нивното трпение е прикрај. Веќе немаат ни здравствено осигурување, тоа, во најмала рака, е нехумано, зашто секојдневно се изложени на повреди. Итно мора да се најде решение за овој проблем. СОНК ќе ја земе работата под свое, овие наши толеранција и коректност кон надлежните, веројатно, некој ги толкува како наша слабост. Апсолутно не е така, зашто доколку не се исплати платата, од утре, па натаму вратите на ЗОО, веројатно, ќе бидат затворени – изјави Неделков.
Тој најави дека писмено ќе се обратат до директорот на Зоолошката градина за решавање на проблемот. Според неговите информации, и другите локални установи од културата што се под Град Скопје, ја немаат земено мартовската плата.