Зоолошката градина ќе прерасне во современ центар за едукација, заштита на природата и за хуман третман на животните

126

Скопската Зоолошка градина ќе се трансформира во современ центар за едукација, заштита на природата и за хуман третман на животните. Ова денеска го најави скопскиот градоначалник, Орце  Ѓорѓиевски, презентирајќи ја стратегијата за развој на оваа институција.

Од Град Скопје соопштија дека овој стратешки документ претставува суштински исчекор кон модерна, одговорна и одржлива институција, усогласена со највисоките европски и меѓународни стандарди, со цел Зоолошката градина да стане активен чинител во зачувувањето на биодиверзитетот и во подигањето на јавната свест за грижата кон природата.

– Овој документ носи јасна визија за модерна, одговорна и хумана институција. Со стратегијата правиме суштински исчекор од поимот зоолошка градина како место за забава кон центар за едукација, заштита на природата и за грижа за животните. Нашата цел е Зоолошката градина да стане училница на отворено, каде што ќе заминуваат децата не само со спомени туку и со знаење, свест и со емпатија кон природата. Едукацијата е најсилната алатка за долгорочна заштита на биодиверзитетот – потенцираше Ѓорѓиевски.

Според  него, клучен столб на стратегијата е трансформацијата на Градината во функционално прифатилиште за заштитените и ранливите видови, со професионална ветеринарна грижа и во безбедни услови.

 – Скопје ја презема моралната обврска да биде дом на животните што не може сами да опстанат во дивината.  Стратегијата е целосно усогласена со строгите стандарди на EAZA, со јасна цел за полноправно членство. Тоа значи високи стандарди за благосостојба на животните, активна научна и конзервациска улога, како и највисоки норми за безбедност и одржливост – истакна Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека се планирани и нови содржини, меѓу кои и центар за хипотерапија за децата со посебни потреби.

– Со овие чекори, Зоолошката градина во Скопје ќе прерасне во современа, едукативна и хумана институција, место каде што се среќаваат науката и грижата за животот – дециден е Ѓорѓиевски, потенцирајќи дека ова е амбициозна, но неопходна визија и ги повика сите институции, граѓанскиот сектор и бизнис-заедница да се вклучат во нејзината реализација.

 

 

ИЗДВОЕНИ