ЗНАМ: Ресторан „Мечка“ се шири – Герасимовски молчи иако узурпацијата се случува буквално пред неговиот дом

143

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија денеска одржа прес-конференција пред ресторанот „Мечка“ во Дебар Маало, обвинувајќи ја општината Центар и градоначалникот Горан Герасимовски за нов урбанистички скандал и толерирање на дивоградба во срцето на Скопје.

Портпаролот Никола Мемов истакна дека објектот се проширил буквално преку ноќ, зафаќајќи јавен простор, тротоар и дел од коловозот, со што е узурпиран дел што припаѓа на граѓаните.

– Пред само неколку недели ресторанот „Мечка“ никна со нов дел на јавен простор. Узурпиран е дел наменет за пешаци, за граѓаните, простор кој треба да биде достапен за сите, а сега е дел од приватен бизнис – изјави Мемов.

Мемов праша дали градоначалникот Герасимовски и инспекторатот на Општина Центар воопшто постапиле на терен и дали за оваа градба постои било какво одобрение или документ.

– Кој дозволи во срцето на Дебар Маало, на само 200 метри од кабинетот на градоначалникот, да никне нелегален објект? Дали ова е Општина Центар или Див Запад, каде секој си гради што сака и каде сака? – додаде тој.

Портпаролот Мемов оцени дека градоначалникот Герасимовски молчи и не презема ништо, иако узурпацијата се случува буквално пред неговиот дом и канцеларија.

– Ова е буквално во вашето маало, градоначалниче. Ако тука не реагирате, како граѓаните да веруваат дека ќе реагирате воопшто? Ова е срамота и слика на една неспособна и незаинтересирана општинска власт – рече Мемов.

Тој додаде дека граѓаните на Дебар Маало секојдневно гледаат како јавните површини се претвораат во приватни, а зеленилото исчезнува пред нивните очи.

На крајот, Мемов порача дека ова не е изолиран случај, туку симбол на четиригодишното владеење на СДСМ во Центар, кое, како што рече, резултирало со урбан хаос и селективна правда.

– Ова мора да престане. На 19 октомври граѓаните ќе одлучат и ќе изберат човек кој ќе работи за јавниот интерес, ќе го штити зеленилото и ќе ја врати човечката димензија на Центар. Граѓаните знаат, Центар знае – заврши Мемов.

ИЗДВОЕНИ