По пауза од 18 години, најтрофејниот македонски фудбалски клуб, екипата на Вардар, ќе игра финале во Купот на Македонија, меч кој ќе се одигра утре во 20 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје. Противник на „црвено-црните“ ќе им биде секогаш незгодната Струга Трим Лум, а од редовите на Вардар влегуваат со оптимизам во овој дуел, со оглед на долгата серија натпревари без пораз.
Токму поради тоа, предводникот на Вардар, Гоце Седлоски, верува дека неговиот тим ќе го даде максимумот на теренот за да дојде до трофејот, но исто така имаше и пофални зборови за противничкиот тим.
- Вардар е подготвен да го даде максимумот во финалето. Знаеме дека пред себе имаме незгоден ривал кој лани беше шампион. Но, ние се гледаме самите себеси. Толку време Вардар го чека ова финале, па ќе дадеме максимум на овој добар терен и со помош од публиката да ја оствариме целта оваа полусезона. Сакаме да продолжиме со добрите резултати од последните месеци и да го освоиме Купот, иако сме свесни дека нема да биде лесно. Ако играчите одиграат како во претходните шест месеци, се надевам дека трофејот ќе дојде во нашите витрини. Знаеме каде беше Вардар во првата полусезона, ама со макотрпна работа стигнавме до петтото место. Мислам дека го заслуживме тоа, а сакам да го заокружиме добриот ритам со мечот против Струга. Секој натпревар во овие месеци зад нас беше финале, а ова е друг меч и постои притисок. Свесни сме сите, играчите ако го дадат максимумот мислам дека можеме до успех. И ние, но и Струга го заслужуваме ова финале. Се надевам на добра игра, фер и коректно, во добро светло да се прикажеме и да се радуваме. Домашниот терен е предност, знаеме што значи Вардар во Македонија и сигурно ќе има многу публика во Скопје. Ова е финале, двата тима мора да се фокусирани на својата игра. Струга е квалитетен ривал и заслужува респект, ама мора да ја одработиме уште оваа средба во свој стил, изјави Седлоски.
И капитенот Горан Закариќ е свесен за важноста на мечот.
- Поминаа 18 години од последниот куп-трофеј на Вардар. Мислам дека е дојдено време да го освоиме купот, иако знаеме дека воопшто нема да биде лесно бидејќи против себе ќе имаме квалитетен ривал. Сепак, верувам дека со поддршка од нашите навивачи, на крајот ќе се радуваме, додаде Закариќ.