Граѓаните споделуваат фотографии на социјалните мрежи дека, освен во парковите, се појавиле змии и во дворовите, а во една објава се наведува дека се појавила змија на тераса во скопската населба Карпош. Друг, пак, посочува дека налетал на змија додека се качувал по патека на Водно. – Го шетав кучето, кое одеднаш почна да лае и низ тревата видов мала, тенка змија. Ја оставив да помине, но не ми беше сеедно. Тоа се животинки што си бараат природна средина за живеење. Кој ни е крив што не си ја вршат службите работата и навреме не ја косат тревата? – вели еден сограѓанин, исто така, од Карпош
Со порастот на температурите, змиите сѐ почесто излегуваат од своите скривалишта и соодветно на тоа, се зголемува бројот на повици од вознемирени граѓани поради „средби“ со нив во неискосените паркови во населбите во Скопје. Граѓаните споделуваат фотографии на социјалните мрежи дека, освен во парковите, се појавиле змии и во дворовите, а во една објава се наведува дека се појавила змија на тераса во скопската населба Карпош. Друг, пак, посочува дека налетал на змија додека се качувал по патека на Водно.
Змиите, без разлика дали се отровни или не, се опасност не само за луѓето туку и за кучињата што шетаат по парковите. Змиите функционираат по принципот „не задевај ме, не те задевам“, што значи дека не треба да ги вознемирувате кога ќе ги видите, туку да држите дистанца и да ги оставите да поминат.
– Го шетав кучето, кое одеднаш почна да лае и низ тревата видов мала, тенка змија. Ја оставив да помине, но не ми беше сеедно. Тоа се животинки што си бараат природна средина за живеење. Кој ни е крив што не си ја вршат службите работата и навреме не ја косат тревата? – вели еден сограѓанин, исто така, од Карпош.
Во Македонија нема специјализирана служба за нивно заловување и безбедно отстранување, информираат од Центарот за управување со кризи, па така граѓаните се оставени да бараат контакти од лица способни за отстранување змии. Според досегашните податоци од Клиниката за инфективни болести, најмногу каснувања од змии има во мај, јуни и во јули.
Освен змии, и желките и ежовите се чести гости во скопските паркови и дворови. Жителка на населбата Лисиче вели дека се појавуваат желки и ежови во нивниот двор, речиси секоја пролет.
– Кучето со лаење нè предупредува дека имаме „гости“ во дворот. Сопругот ги префрла преку оградата и тие полека си заминуваат – вели оваа скопјанка.
Обично се вели дека каде што има еж, во близина има и змија. Ежовите им се непријатели на змиите бидејќи ги ловат. Покрај од змии, ежовите штитат и од ларвите на бројни инсекти, полжави и од други штетници, кои ѝ наштетуваат на градината.
Ежовите во овој период се многу активни, бидејќи сега е период од годината кога бараат сезонски партнер за парење или место каде што би можеле да ги донесат младите на свет. Бидејќи живеат во урбаните средини, „средбата“ со луѓето знае да биде фатална за нив. Најмногу страдаат по маалските улици поради автомобилите, но и од отровите што ги ставаат луѓето за да ги избркаат глодачите. Друго смртоносно оружје за нив претставува косилката за трева. Често се незабележливи во високата трева, па доколку не се коси внимателно, косилката може смртно да ги повреди.
Ежовите се хранат и со змии отровници, бидејќи во себе го имаат протеинот еринацеин, кој го оневозможува протеолитичкото дејствување на змискиот отров.
(С. Бл.)