Во 1969 година, оваа зграда на Менхетен доби статус на индивидуален културен споменик на градот Њујорк, поради „импресивната чистота на стилот, изведена со извонредна финеса и авторитет“. Епстин сакал да ја купи, но кога дознал дека за тоа треба дозвола од пет држави, се откажал. – Продажбата на зградата на Петтата авенија број 854, првпат по повеќе од 75 години, отвора ново поглавје во славната историја на овој имот. Новиот сопственик на оваа трофејна зграда штотуку купи значаен дел од историјата на Њујорк – изјави Тристан Харпер, кој го купи ова импозантно здание за 50 милиони долари, во 2021 година
Титовата вила, како што го нарекуваат објектот на Постојаната мисија на поранешна СФРЈ во Обединетите нации во САД, важеше за едно од најлуксузните, но и најмистични дипломатски претставништва на тогашната држава. Оваа раскошна њујоршка зграда со адреса Петта авенија број 854, која се смета за еден од архитектонските бисери на Менхетен, сега е во приватна сопственост, а парите од нејзината продажба ги поделија пет држави, кои порано беа републики во СФРЈ.
Пред десетина години, кога излезе на пазарот, не само атрактивната локација туку и нејзината раскошна внатрешност го поттикна апетитот за купување и кај осудениот сексуален престапник, Џефри Епстин, за што сведочи новата серија документи за неговите активности, која ја објави американското Министерство за правда во декември. Во објектот со 20.000 квадратни метри е распослан чист луксуз во стилот бе-артс: 32 пространи соби и 12 бањи, распоредени на девет нивоа, директно спроти Централ парк, од кои 10 соби се со спектакуларен поглед на паркот и панорама на Мидтаун и западната страна на Менхетен; две француски таписерии од 18 век поставени над големи спирални скали; 17 камини… Оградите на скалите се рачно резбани од посебни парчиња редок италијански мермер, а има и позлатени панели, рачно насликани тавани во духот на стара Европа, како и дрвени панели земени од антички француски замок. Во зградата има и два лифта, како и богато украсен покривен прозорец над главната сала, висока околу 10 метри. Во 1969 година, оваа зградам поради „импресивната чистота на стилот, изведена со извонредна финеса и авторитет“, доби статус на индивидуален културен споменик на градот Њујорк.
Вилата била изградена во 1903 година, за Р. Ливингстон Бикман, кој наскоро станал гувернер на Род Ајленд, па му ја продал на Џорџ Грант. Потоа сопственик станал Хенри Вајт, па неговата сопруга – Емили Торн Вандербилт Слоун Вајт. Претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито, ја купил во 1946 година и во неа ја сместил Постојаната мисија на Југославија во Обединетите нации. Во историјата е запишано дека во една од главните простории на вилата, во 1961 година, Тито и претседателите на Египет, Гана, Индија и на Индонезија го скроиле планот за создавање на Движењето на неврзаните.
По распадот на Југославија во 90-тите години, тој имот премина во рацете на петте држави наследнички. Откако беше потпишан договорот за сукцесија, имотот првпат беше ставен на продажба во 2017 година. Двете првични понуди не беа договорени поради сложеноста на преговорите и внатрешните процедурални технички детали меѓу сопствениците. Тогаш Епстин покажал интерес да го добие клучот од вилата. Во новите објавени документи за него има исечок од „Њујорк пост“ со наслов „За 50 милиони долари можете да станете сопственик на последната вила од златното време на Менхетен“, придружен со мејл со 26 фотографии од вилата. Во 2018 година, во зградата изби пожар, а, според документите, финансискиот советник му пишал на Епстин дека може да ја купи поевтино. Но, тој се колебал зашто дознал дека за тоа треба дозвола од пет држави, за што се распрашувал кај тогашниот висок претставник во Босна и Херцеговина, Мирослав Лајчак, па се откажал од купувањето.
Вилата беше повлечена од продажба по пожарот предизвикан од електричната инсталација, што за малку ќе ја уништеше. Сегашниот сопственик, Тристан Харпер, во 2021 година го купил овој импозантен објект за 50 милиони долари, без да го разгледа, зашто не било можно тоа поради пандемијата.
– Продажбата на зградата на Петтата авенија број 854, првпат по повеќе од 75 години, отвора ново поглавје во славната историја на овој имот. Новиот сопственик на оваа трофејна зграда штотуку купи значаен дел од историјата на Њујорк – изјави Харпер.











