Златото го купуваат оние што имаат пари, додека обичните граѓани само може да го гледаат како расте цената. Рекордните нивоа се поттикнати од инфлацијата, геополитичките тензии и од глобалната економска нестабилност. Инвеститорите со поголеми средства се префрлаат кон благородните метали за да го зачуваат својот капитал, додека граѓаните со ограничени примања остануваат без можност за учество во растот. Експертите предупредуваат дека може да продолжи трендот додека ризиците на пазарот остануваат високи
Геополитичката несигурност, нестабилните валути и стравот од нова економска криза предизвикуваат купување злато и златен накит, како чувари на вредноста. Медиумите во светот секојдневно објавуваат за рекордни цени на златото, кое оваа година нагло поскапи, бидејќи војната во Украина и економските политики на претседателот на САД, Доналд Трамп, околу царините ги натераа инвеститорите и централните банки да бараат засолниште во побезбедни средства како што се златото и среброто.
Цената на златото почна драстично да скока од октомври-ноември минатата година, а несопирливо продолжи и на почетокот од оваа година. Интересот на инвеститорите за злато продолжува да расте на глобалните берзи. Аналитичарите предвидуваат дека цената на златото би можела да достигне до 5.500 долари за унција по значителното зголемување од речиси 70 проценти што се очекува во 2026 година. Овој тренд укажува дека златото останува привлечна инвестициска опција во неизвесни економски времиња.
Инвеститорите, традиционално, се вртат кон златото како безбедно засолниште, што доведува до зголемена побарувачка и до раст на цените. Аналитичарите им советуваат на инвеститорите внимателно да ги следат случувањата на пазарот и да размислат за инвестирањето во злато како дел од диверзифицирано портфолио.
Тивката чаршија под сенката на рекордните цени
Но, златната треска не ги тресе обичните граѓани. Во тоа се уверивме при обиколка на дуќаните во Златарската улица во Скопската стара чаршија, која отсекогаш била симбол на трговијата, занаетчиската традиција и на животот. Денес, и покрај рекордните цени на златото, атмосферата е поинаква. При обиколка на Чаршијата, ретко кој застанува пред излозите зад кои се изложени најразлични парчиња накит од злато и од сребро. Во дуќаните најчесто се забележува по еден продавач, кој со поглед вперен кон вратата очекува да влезе некој намерник и да купи накит.
Златарите велат дека високата цена на златото не значи и зголемена продажба. Напротив, куповната моќ на граѓаните е значително намалена, а златото, кое, традиционално, се купуваше за свадби, крштавки и за други свечени моменти, денес сè повеќе се доживува како луксуз.

Шенол Емини, долгогодишен златар од Старата скопска чаршија, вели дека речиси е замрена продажбата.
– Како може да има продажба при ваква скапотија? Секој ден расте цената на златото по илјада, две, три илјади, зависи – ни рече Емини денеска, кога го посетивме во неговиот златарски дуќан.
На својот лаптоп, тој ја провери берзанската цена на чистото злато, кое во тој момент изнесуваше 142.100 евра за килограм, додека неколку минути подоцна рипна за 280 евра. Ни рече дека набавната цена на златото е од 110 до 115 евра и зависи од неговата изработка.
– Моментално нема интерес за купување златен накит, последно за што граѓаните би ги потрошиле парите е златото, затоа што денес граѓаните им даваат приоритет на основните трошоци: храна, школарина, огрев, зимница, додека златото останува на дното од листата. Златото сега е луксуз, а зошто му рипа цената, не знаеме. Можеби, затоа што државите што го купуваат како резерва ја дигаат цената – вели тој.
Тој предупредува дека доколку продолжи ваквиот тренд, златарскиот еснаф ќе се соочи со сериозни проблеми, а дел од дуќаните веќе се затворени.
Зејнула Асани, син на познатиот мајстор Џељо, во Чаршијата познат како „мали Џељо“, вели дека растот на цените не е изолиран феномен.
– Ништо во светот моментално не е како што треба. Не е само до цената на златото, сите цени рипаат – на јадењето, пијалаците, автомобилите, технологијата… – ни рече Асани.
Тој потсетува дека драматичниот раст започнал со ковид-кризата, кога цената на килограм злато од околу 30.000 евра за кратко време скокнала на 60.000, а денес достигнува над 142.000 евра.
– Во текот на пандемијата, килограм злато чинеше oколу 30.000 евра, по што за краток период скокна на 60.000 евра, раст каков што не беше забележан дотогаш. Денес цената достигнува околу 142.000 евра за килограм, што значи дека за само пет-шест години има драстичен скок – нагласи Асани.

За полесно да се разбере размерот на поскапувањето, Асани прави споредба со секојдневниот живот. Порано, вели тој, четвртина бурек чинела 25 денари, односно цела пита 100 денари, додека денес за истите 100 денари може да се купи само една четвртина. Истата состојба, додава, е видлива и кај храната воопшто, но и кај автомобилите, кои значително поскапеле. Како пример го наведува фактот дека автомобилите што биле купувани порано за околу 15.000 евра, денес достигнуваат и до 38.000 евра.
Според Асани, преку постојаното потенцирање на растот на цената на златото се врши дефокусирање од поширокото поскапување на сите производи и услуги. Тој укажува дека цените во целина пораснале и до трипати, додека платите во изминатите две години се зголемиле за само околу седум проценти. Во вакви услови, вели Асани, куповната моќ на граѓаните е сериозно ограничена.
Најчесто се купува накит во вредност од 6.000 до 6.500 денари, што е максимумот што може да си го дозволи обичниот работник со сегашните примања. Сепак, вели Асани, традицијата за купување и подарување злато сè уште опстојува, но во многу помал обем.
Златото како стабилен темел на капиталот
Според економскиот аналитичар Дарко Крстески, златото и понатаму останува една од најстабилните и најисплатливи форми на инвестирање, особено во време на глобална неизвесност.
– Денешната економија нè принудува да се потпираме на книжни пари, но нивната вредност е сè понестабилна – вели Крстески, нагласувајќи дека ваквата нестабилност ги тера инвеститорите да бараат посигурни алтернативи за заштита на својот капитал.
Тој посочува дека во јавноста сè уште постои перцепцијата дека златото ги загубило својата улога и своето значење во современата економија, но ваквиот став, според него, е погрешен.
– Многумина го гледаат златото како „антички камен“, чија единствена улога е во изработката на накит, но фактите го покажуваат спротивното – истакнува Крстески.

Како најсилен доказ за трајната вредност на златото тој ја наведува неговата улога во финансиските резерви на државите и на глобалните институции. Според него, тоа што централните банки, државите и институции како Меѓународниот монетарен фонд континуирано чуваат и купуваат злато, јасно покажува дека станува збор за средство со трајна вредност.
Иако златото повеќе не е директно поврзано со валутите како што беа доларот или еврото во минатото, неговото значење во глобалната економија, според Крстески, не е намалено. Напротив, златото и понатаму претставува сигурен показател за реалната вредност на богатството, без разлика на економските услови.
За да ја илустрира разликата меѓу чувањето пари и инвестирањето во злато, Крстески наведува конкретен историски пример.
– Ако во 1970 година сте вложиле 1.000 долари во злато, денес таа инвестиција би вредела над 50.000 долари. Ако сте ја чувале истата сума како готовина, би имале номинално исто, но реално многу помалку – објаснува тој.
Според него, златото особено доаѓа до израз во периодите на зголемена инфлација. И кога расте таа, а вредноста на валутите опаѓа, инвестирањето во злато секогаш се покажува како паметна одлука. Тој вели дека историјата ретко го демантира тоа правило и додава дека токму во вакви услови инвеститорите најчесто ги насочуваат своите средства кон благородните метали.
Дополнително, тој нагласува дека денес постојат значително повеќе начини за инвестирање во злато отколку во минатото.
– Порано единствена опција беше физичкото поседување, додека денес постојат берзански фондови, акции во рударски компании и институционални инвестиции – посочува Крстески.
Глобалните кризи од последната деценија, според него, уште еднаш ја потврдиле вредноста на златото како инвестициски инструмент.
– Во последните 15 години, цената на златото е зголемена за околу 400 %. Иако има краткорочни падови, тие најчесто се можност, а не закана – вели тој.

Сепак, Крстески потенцира дека ниту една инвестиција не е целосно без ризик и дека изборот секогаш зависи од профилот и од толеранцијата на инвеститорот.
– Доколку некој не се чувствува сигурен со физичко злато, берзанското тргување е солидна алтернатива. За помалите инвеститори, златните плочки и монети се едноставен и сигурен начин за долгорочна заштита на капиталот – заклучува Крстески.
Централните банки го диктираат трендот
Според м-р Андреј Пулејков, извршен директор во КБ Инвест АД Скопје, причината за растот на цената на златото изминатиов период генерално се поврзува со зголемената побарувачка од страна на централните банки.
– Како резултат на геополитичките тензии, централните банки (а особено БРИКС-земјите) постепено го намалуваа нивото на девизни резерви деноминирани во американски долари за сметка на поголема диверзификација во благородни метали и други светски валути. Според некои податоци, во овој момент, кај централните банки номиналниот износ на резерви што се чуваат во злато е поголем од номиналниот износ на резерви во американски државни обврзници. Дополнително, според објавените податоци, за 2025 година е забележан прилив на средства во ЕТФ-фондовите покриени со физичко злато (каде што нивната вкупна изложеност достигна 4.025 метрички тони) – вели Пулејков.
Тој очекува зголемената побарувачка да има дополнителен позитивен импулс за цената на златото, кое се очекува да достигне 6.000 американски долари за една унција до крајот на 2026 година.
– Цената на златото е тесно поврзана со неизвесноста околу економските и политичките текови во светот и се очекува да продолжи таа до крајот на годинава, како резултат на неколку причини. Прво е трговската политика и нејзините импликации врз глобалните економски текови. Второ, проблемите во финансискиот сектор, нивото на јавниот долг и огромните буџетски дефицити. Трето, геополитичките тензии во светот, кои не стивнуваат (војната во Украина сè уште трае и покрај напорите да се поттикнат двете страни на дијалог, тензиите помеѓу Кина и Тајван и тензиите на Блискиот Исток) – вели Пулејков.
Од овластениот трговец со злато „Инвестапедиа голд“ велат дека побарувачката за злато е зголемена, но снабдувањето се одвива редовно и без застој. Испораките во Македонија се реализираат во рок од три до пет дена, а стратегијата на компанијата е внимателно следење на глобалните трендови и планирање според можните сценарија.
И покрај турбуленциите, едно е јасно: златото повторно ја потврдува својата улога како симбол на сигурноста, и на глобално ниво и во тивките дуќани во Старата скопска чаршија.
Светлана БЛАЖЕВСКА












