Со завчерашното театарско шоу на актерката Надица Петрова во Охрид, започна одбележувањето на шестгодишното постоење на независниот театар „Златен Елец“, кој ќе одржи повеќе претстави за публиката, до крајот на февруари. Веќе на 23 февруари, во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе биде одиграна најновата претстава „Сина сенка“ во режија на Тамара Стојаноска, од авторот Брајан Рејнолдс и во која играат актерите: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ-Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ. Музиката е на Мајкл Хукер и Лука Тошев.

На 27 февруари, пак, во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, на репертоарот ќе биде претставата „Добри луѓе“ според Данкан Мекмилан, во режија на Тамара Стојаноска. Во оваа дуодрама играат Тијана Трајчевска и Филип Христовски, а продуцент е актерот и еден од основачите на „Златен Елец“, Бобан Алексоски.

Следниот ден, на 28 февруари, во МКЦ Скопје ќе се одигра и „Хинкеман“ од Ернст Толер, исто така во режија на Тамара Стојаноска, а во претставата играат: Бобан Алексоски, Филип Христовски, Надица Петрова, Талија Настова, Ане Блажовски, Бранко Михајлоски и Леонида Гулевска. Музиката е на Лука Тошев. Сите изведби се со почеток во 20:00 часот. На 1 март, повторно на репертоарот, по подолго време, ќе биде претставата за деца „Чудесниот напиток“, во „Јавна соба“ во Скопје, со почеток во 18:00 часот.

Шест години од започнувањето со работа на независниот театар „Златен Елец“ се навршуваат токму овој февруари 2026 година. Театарот почна со работа во 2020 година и досега има постигнато бројни резултати и успеси. „Не ми го чепкај пивото“ и трите монодрами „Дневникот на лудиот“ во режија на Ѓорѓи Ризески, „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“ во режија на Ана Батева, претставите за деца, стендап-настапите, односно шоуто во изведба и авторство на Надица Петрова и продукциите во режија на наградената режисерка Тамара Стојаноска: „Грета“, „Разнесени“, „Пингвинот“, „Добри луѓе“, „Хинкеман“, „Сина сенка“, како и најнаградуваната претстава „Кенди“ по „Дневникот на лудиот“ во изведба на Бобан Алексоски, се дел од проектите на кои беше посветен тимот на театарот низ годините.

– Наградите и успехот на претставите се само поттик за поголема храброст и работа. Театарот оваа година ќе има премиери на претставата „Теорема“ според Пјер Паоло Пазолини, во режија на Мирко Радоњиќ, и на дуодрамата „Свињи“ од Томислав Зајец, во режија на Тамара Стојаноска. Во план се уште неколку нови активности и продукции – велат од театарот „Златен Елец“, на кои годинава им припадна честа да ја напишат македонската порака по повод Светскиот ден на театарот, 27 Март.

Тие се избрани од Интернационалниот театарски институт во Македонија.

 

ИЗДВОЕНИ