ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Негативни влијанија

222

Современиот човек сѐ почесто е под удар на секаков вид негативни влијанија. Причинителите за личното неспокојство може да бидат различни, но најчесто произлегуваат од изневерените очекувања, наталожените фрустрации, ниското ниво на самодоверба, емоционалната оштетеност и од неразрешените  трауми од минатото. Проблемите произлегуваат и од стравот од неуспех и од немањето цел и визија за надминување на тешкотиите.

Личното незадоволство, малодушноста и фрустрацијата привлекуваат негативна енергија и создаваат нездрави релации. Голем број од луѓето шират емоционален отров и претерано го истакнуваат сопственото его. Овие лица имаат ниско ниво на емпатија и живеат во дисхармонија на духот и на телото.

Поединците што зрачат со негативни вибрации нужно привлекуваат негативни вибрации. Тие не сфаќаат дека се под владение на законот на отпорот и на негативната енергија. Токсичното живеење не креира љубов и разбирање, туку создава гнев, незадоволство и несигурност.

Во животот е многу битно да станеме будни, селективни и внимателни. Голем број духовни лица зборуваат за моќта на љубовта, но и за разорната енергија на омразата. Тие препорачуваат да се дистанцираме од злото и да се насочиме кон доброто. Клучно е да тргнеме кон патот на мирот и хармонијата и да престанеме да се докажуваме пред лица што се однесуваат себично и површно. Не постои гаранција дека изразената љубов ќе разбуди љубов кај другиот, но емоционалниот отров речиси секогаш создава негативен набој во врската. Љубовта ќе разбуди љубов и ќе предизвика внимание само кај високо самосвесните поединци. Лицата што се определиле да се однесуваат себично и негативно, најчесто се иритираат од туѓите чесност, позитивност и етика.

  1. Проблемите се дел од животот

Негативни животни искуства им се случуваат на сите луѓе. Голема мудрост е да умееме да преиспитаме со кого си имаме работа. Особено треба да бидеме внимателни пред кого емоционално се отвораме. Како што напишале Алан и Барбара Пиз: „Кажете им ги своите животни цели и определби само на малкумина што навистина се интересираат, другите се само љубопитни“.

Живееме во време на искривоколчени вредности и неправди. Колку и да сме воздигнати на духовен и на етички план, тие наши вредности може да бидат игнорирани од другите. Суштината е да создаваме вредности, но и да станеме свесни дека мнозинството не препознава вредности. Сепак, вредноста, знаењето и љубовта не се споделуваат поради пофалби, награди и за да се одоброволат другите, туку поради чувството на мир и задоволство од создавањето добри дела.

Многумина ми го поставиле прашањето: „Вие пишувате книги од областа на психологијата и на филозофијата, познавате многу теми и длабински навлегувате во предметот на истражување, дали и Вие се соочувате со проблеми и тешкотии и на кој начин го детоксицирате духот од штетните влијанија?“

Одговорот е дека, како и секој човек, и јас се соочувам со проблеми, тешкотии,  психофизички кризи и со напнатост. Во таков период, мојата цел е кризата да трае што е можно пократко. Зборот „криза“ во кинескиот јазик е составен од два знака, едниот претставува тешкотија, а другиот можност. Ако не ја перципираме кризата како тешкотија, туку како можност за создавање промени, тогаш не треба да стравуваме од проблемите со кои се соочуваме. Основно е да не потклекнеме пред кризата, туку да бараме начин за чистење на духот и за зајакнување на сопствената волја и на карактерот. Кога преовладуваат неубавите животни состојби, некои поединци гледаат можности онаму каде што другите гледаат тешкотии. Затоа не треба да се опстојува во немир и тешкотија, туку да се бара решение за надминување на неубавите околности. Главната цел е да создадеме силен одбранбен механизам за справување со животните кризи и тешкотии.

Кога се соочува со психофизичка криза, неопходно е човекот најнапред да стане свесен за состојбата во која се наоѓа и да почне да бара начин за излез од неа. Развивањето одбранбен механизам за справување со стресот поттикнува регенерација и животна трансформација. Мене лично престојот во Охрид и прошетките во природа, на планина, целосно ме хармонизираат и регенерираат.

  1. Кога сте емоционално нападнати и под удар на стресогени фактори, треба да одите на некое место каде што ќе се чувствувате пријатно и релаксирано

Зошто е добар Охрид за хармонизација и за регенерација на духот и на телото? Прошетките покрај Охридското Езеро облагородуваат и создаваат смиреност, бидејќи тој предел има некоја волшебна убавина и посебна енергија. Неслучајно многу цркви и манастири се изградени во охридскиот крај. Со својата облагородувачка енергија особено се истакнува црквата „Свети Јован Богослов – Канео“. Што треба да направите откако ќе го посетите овој магичен простор? Само треба да влезете во црквата, да запалите свеќи и да почувствувате голем мир и хармонија. Тоа може да се постигне со кажување молитви и со препуштање на божествената енергија. Вистинската верба во Бога и духовноста смируваат, облагородуваат и ослободуваат од неспокојството и од лошите енергии. Кога се моли посветено, верникот верува и се надева на Божјата сомилост и тогаш постигнува голема психофизичка преобразба. Треба да работиме на личниот развој, но и да имаме силна верба и надеж дека ќе нè избави Бог од големите страдања.

  1. Практикувањето афирмации (молитви) и вербата во моќта на Божјата сомилост овозможуваат смирение, облагородување и духовно прочистување

Песимизмот, изолацијата и зависноста од антидепресиви не може да донесат позитивни резултати. Тоа е пораз за духот на човекот. Консумирањето антидепресиви делумно ќе помогне, но не може да донесе целосно избавување од кризата.

Нема да креираме позитивно решение ако постојано тагуваме, се самообвинуваме, живееме во тензија и ако акумулираме емоционален отров. Клучно е да преземеме акција за остварување на нашите цели, да се сконцентрираме на работите што ги сакаме и да престанеме со поплакувањето.

Доколку сакате да имате среќен, хармоничен и исполнет  живот, треба да креирате позитивна цел и да ги утврдите своите приоритети. Истражувањата покажуваат дека поставувањето јасно дефинирани цели го продолжува животниот век на луѓето и води кон хармонизирање на личноста.

Судбината може да се подобри, само треба да имаш чиста мисла, да поседуваш силен дух и да расчистиш со стегите од минатото. Ако не си расчистил со минатото, тогаш мигот на сегашноста ќе ти биде исполнет со копнеж, немир и со дисхармонија.

Сепак, денес воопшто не е лесно да се постигне духовна смиреност и да се избегнат негативните вибрации. За да постигнеме внатрешна хармонија, неопходно е да поседуваме силна волја и да веруваме дека ќе најдеме решение за психофизичката криза. Клучот е во преземањето одговорност за сопствениот живот и во решеноста да ја исцелиме душата. Човековата душа е заболена од многу неправди, страдања, навреди и од емоционални удари. Неразрешените трауми може да го загрозат здравјето и да предизвикаат неспокој, несигурност и дисхармонија.

Оној момент кога целосно ќе го загубите здравјето, тогаш е доцна. Здравјето им дава слобода на луѓето, за која малкумина се свесни дека ја поседуваат сѐ додека не останат без неа, укажале Алан и Барбара Пиз.

Најголемиот проблем на современото живеење доаѓа од немањето храброст за иницирање коренити промени и од дисхармоничните односи со блиските. Кога преовладуваат конфликтите, тогаш не зрачиме со мир и со позитивна енергија. Несреќниот и површен начин на живеење води кон отуѓување, неверства, развод и кон егоборби помеѓу половите.

Нема напредок во односот доколку едниот е посветен, позитивен и конструктивен, а другиот е отуѓен, незадоволен и деструктивен.

Заклучокот е дека луѓето мора многу повеќе да работат на меѓусебното разбирање, на себехармонизацијата и на психофизичкото детоксицирање од негативното влијание на околината.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

 

ИЗДВОЕНИ