Дубаи постави нов светски рекорд на пазарот на недвижности, продавајќи го најскапиот пентхаус на Блискиот Исток за 550 милиони дирхами (околу 150 милиони долари или 127,71 милиони евра) во „Бугати Резиденс“, објавува „Анадолу“.
Трансакцијата, која ја склучи главниот директор за продажба на „Бингати“, Абдула Бингати, ја означува највисоката цена по квадратен метар некогаш забележана во „Бизнис Беј“ во Дубаи, достигнувајќи околу 27.000 евра по квадратен метар.
Претседателот на „Бингати“, Мухамед Бингати, изјави дека компанијата досега годинава е на врвот на пазарот на недвижности во Дубаи, со продадени повеќе од 14.000 единици, надминувајќи ги и јавните и приватните конкуренти.
„Како најбрзорастечки играч на пазарот на недвижности во Дубаи, „Бингати“ сега се искачи меѓу трите водечки инвеститори во градот, држејќи значителен пазарен удел според најновите бројки од Одделот за земјиште во Дубаи“, рече тој.
Ултралуксузниот пентхаус се простира на 47.200 квадратни метри и е дел од „Бугати Резиденс“, првиот станбен комплекс во светот под брендот „Бугати“.
Комплексот привлече неколку познати личности, вклучувајќи ја фудбалската ѕвезда Нејмар Џуниор, италијанскиот тенор Андреа Бочели и професионалниот фудбалер Ајмерик Лапорт, кои купија резиденции во рамките на проектот.
Сместен во срцето на Бизнис Беј, Бугати Резиденсис го спојува францускиот дизајн со метрополитенскиот карактер на Дубаи и нуди пристап до главните деловни области и знаменитости.












