И покрај утврдените низа неправилности од инспекторите на Град Скопје, од АХВ, како и од Државниот пазарен инспекторат, меѓу кои и тоа дека Град Скопје нема издадено дозвола за да се врши дејност на тоа место, организаторите на новогодишниот базар „Зимзоленд“ велат дека продолжуваат со работа и дека до надлежните служби била доставена целосната и потребна документација
Инспектори од Град Скопје, од АХВ, како и од Државниот пазарен инспекторат, по пријава на граѓани упаднале во новогодишниот базар „Зимзоленд“, кој е поставен во Ново Лисиче, а годинава е стациониран спроти ресторанот „Рагуза“, меѓу Ново Лисиче и Лисиче.
И покрај тоа што работи од 30 ноември 2025 година, односно веќе две недели, скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски дури вчера доцна попладнето извести дека во координација со Државниот пазарен инспекторат и со Министерството за внатрешни работи, била спроведена широка акција, со, како што вели, единствена цел, да се вратат редот и достоинството на јавниот простор на целата територија на градот.
Биле констатирани повеќе неправилности, меѓу кои и тоа дека Град Скопје нема издадено дозвола за да се врши дејност на тоа место.
– Организаторите не поседувале такво нешто ниту од Градот ниту од општината Аеродром, на чија територија е лоциран „Зимзоленд“ – велат од Град Скопје без да одговорат зошто се чекало дури две недели за да се постапи, без да се има на ум дека не дај Боже, можело да се случи несреќа.
Воедно, на Општина Аеродром дополнително ѝ било наложено нејзиниот градежен инспектор да постапи за реквизитите и з забавните содржини кои не се дел од програмата на Општината, согласно со законските регулативи.
Од Општина Аеродром велат дека нивните инспекциски служби постапуваат во согласност со своите надлежности и оти инспекциската постапка од страна на нивните служби била започната на 28.11.2025 година.
– По завршување на постапката и по утврдување на сите докази, ќе се постапи согласно со законот и доколку е потребно, ќе се изрече инспекциска мерка – кусо одговорија од Општина Аеродром.
Оттаму нагласуваат дека Општина Аеродром не е организатор на „Зимзоленд“ и не учествува во програмата на овој настан.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, за весникот ВЕЧЕР изјави дека била извршена контрола, a ќe има и следна.
– Беа затекнати штандови без регистрирана дејност, изготвени се записници, изречени се мерки и издадени платни налози врз основа на Законот за трговија. Повикани се да донесат дополнителна документација – истакна Стојкоски. Тој нагласи дека и натаму ја следат ситуацијата.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство, пак, соопштија дека при вонреден надзор на манифестацијата „Зимзоленд”, утврдиле дека организаторот не бил регистриран како оператор со храна и воопшто не ја известил Агенцијата дека ќе се продава храна. Притоа, поради неисполнети хигиенски услови биле изречени парични казни.
– Поради неисполнување на основните хигиенски услови за поставување на штандови на кои ќе се произведува и ќе се врши промет со храна, АХВ изрече мерки на секој штанд (на физички и на правни лица), но и на правното лице – организатор на манифестацијата „Зимзоленд“. Нему, покрај парична казна, изречена му е и мерка времена забрана за вршење дејност производство и промет со храна – соопштија од АХВ.
Организаторите на „Зимзоленд“ во соопштение до јавноста информираат дека продолжуваат со работа и дека информациите за неговото затворање се шпекулации.
– Зимзоленд продолжува да работи со редовно работно време – се наведува во соопштението до јавноста.
Организаторите на „Зимзоленд“ потврдуваат дека во претходните денови имало инспекциски надзори, но како што велат, до надлежните служби била доставена целосната и потребна документација.
Освен на „Зимзоленд“, Ѓорѓиевски информираше дека инспекциски надзор бил извршен и на Пластичарската улица, а биле изречени преку 20 казни. Притоа, било отстранувано сето она што го узурпира просторот што им припаѓа на граѓаните, што го попречува движењето и го нарушува јавниот ред.
– Вработените од ЈП „Градски паркинг“ насилно ги отстрануваа неправилно паркираните возила по должина на улицата „Пластичарска“. Градот Скопје и јас, како градоначалник, ќе продолжиме бескомпромисно да се бориме против секоја неправилност, секој обид за узурпација и секој хаос кој го загрозува јавниот простор. Овој град заслужува ред, а скопјани заслужуваат достоинствено, безбедно и уредено место за живеење – нагласи Ѓорѓиевски.
Уште на самиот почеток на „Зимзоленд“, жителите од Ново Лисиче, револтирани, се пожалија на тоа дека оние што дошле да го посетат овој настан ги оставале своите автомобили на тротоарите, а ги зазеле и тревниците. Освен тоа, се пожалија на гужвите, на вревата, на гласната музика и на силното осветлувањето до доцна во ноќта, кои, како што нагласија, им пречат. Според нив, ваквите настани треба да се одржуваат на периферијата на градот, а не во населено место, општина.
(А. П.)












