Кристалното јајце Фаберже, украсено со дијаманти, кое некогаш му припаѓало на руското царско семејство, е продадено за рекордни 30,2 милиони долари во Лондон.
Зимското јајце – кое се смета за едно од најубавите креации на познатиот јувелир – е купено од анонимен купувач во вторникот, соопшти аукциската куќа „Кристи“, објави Би-Би-Си. Јајцето е украсено со 4.500 дијаманти и е нарачано од царот Николај II во 1913 година како божиќен подарок за неговата мајка, царицата Марија Фјодоровна.
Јајцето високо 8,2 см е создадено од Карл Фаберже, врз основа на дизајн на Алма Тереза Фил, една од само двете жени занаетчии во компанијата за накит во Санкт Петербург. Изрезбано е од камен кристал и украсено со дијаманти во форма на роза и мотиви од снегулки од платина, а јајцето се отвора и открива мала корпа со букет бели кварцни цвеќиња внатре.
Јајцата се изработувале од 1885 до 1917 година, кога царот Николај II бил принуден да абдицира. Традицијата на јајца ја започнал царот Александар III, кој секој Велигден ѝ давал јајце на својата сопруга, додека неговиот наследник, Николај II, им давал подароци на својата сопруга и мајка.
По погубувањето на царот Николај и неговото семејство во 1918 година, еден лондонски трговец го купил јајцето за 450 фунти кога осиромашените комунистички власти продале дел од уметничките богатства на Русија во 1920 година.
Јајцето неколку пати сменило сопственици и се верувало дека е изгубено две децении, сè додека не се појавило на аукција во Кристи во 1994 година, проценето на седум милиони швајцарски франци, и не било препродадено во 2002 година за 9,6 милиони франци.
Куќата Фаберже направила само 50 јајца за руското царско семејство Романов, а Империјалното зимско јајце е едно од само седумте што останале во приватна сопственост.
Другите јајца или се исчезнати или се во сопственост на институции или музеи.












